Требало да биде голгетер на Вилјареал, а сега ќе игра полуфинале на Вимблдон

Роберто Баутиста Агут ги живее моментите на слава на Вимблдон. Шпанскиот тенисер од кого никој не очекуваше дека може да стигне до завршницата на славниот Гренд слем турнир, денеска ќе му биде противник на Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Централниот терен.

Баутиста за прв пат во кариерата ќе игра полуфинале на Гренд слем турнир, подобрувајќи го успехот од Австралија Опен каде има играно во четвртфиналето. Шпанецот не е играч за кого ќе се зборува со години како што е тоа примерот со останатите тројца полуфиналисти на Вимблдон, но сепак се работи за играч кој никогаш нема да се предаде и има неверојатен спортски дух.

Како дете, Роберто започнал да игра фудбал и одлично му одело. Во дресот на ЦД Кастелјон, тим во градот во кој е роден, а од каде потекнале и легендарните Висенте дел Боске и Гаиска Мендиета. Како 14-годишник го привлекол вниманието на Вилјареал и веднаш бил донесен во академијата на „жолтата подморница“.

Таткото на Роберто бил играч на Вилјареал и со него секогаш одел да ги гледа мечевите на овој тим.

„Кога бев дете, секогаш одев на „Ел Мадригал“ да го гледам Вилјареал. Сонував за тоа да станам фудбалер. Во јуниорска конкуренција настапував за Вилјареал. Не бев некој техничар, но можев да дадам гол и со уво.Сакав да останам и да продолжам да играм фудбал, но не можев да останам во двата спорта. Ги оставив копачките и засекогаш го земав рекетот во рака“, објаснува Баутиста.

„Никогаш не сум размислувал дали ќе ми беше полесно ако станев фудбалер. Како тенисер бев еден од најдобрите во светот до мојата 18-та година, ги победував играчи како што се Марин Чилиќ, Хуан Мартин дел Потро, но потоа ми беше тешко да влезам во Топ 100. Кога успеав да влезам во Топ 100, брзо тргнав напред и сега сум тука каде што сум“, додава Баутиста, кој моментно е на 22 место на АТП листата.

Ако според многумина треба да е аутсајдер во денешното полуфинале против Новак Ѓоковиќ, факт е дека Шпанецот сезонава два пати веќе го има победено најдобриот светски рекет. Ако се гледаат нивните пет меѓусебни дуели, Роберто има три победи, а Новак се радувал два пати. Ако успее и денеска да го изненади, Шпанецот ќе се најде во Топ 10 на АТП листата.

Интересно е што Баутиста воопшто не верувал дека може да игра во полуфиналето на Вимблдон, па уште пред неколку недели ја организирал својата момчешка вечер и од пред 2-3 дена требало да биде на Ибица, заедно со своите пријатели.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести