13.8 C
Skopje
петок, 14 ноември 2025

Тренерите коишто дојдоа по Фергусон само за 10 години стигнаа до бројот на порази на „Олд Трафорд“ колку што легендарниот Шкот имаше за 27 години

Манчестер јунајтед вчера загуби убедливо на „Олд Трафорд“ со 0:3 од градскиот ривал Манчестер сити во дербито на колото во Премиер лигата. По овој пораз, Црвените ѓаволи останаа само со 15 бодови од 10 меча, што е дури 11 помалку од лидерот Тотенхем.

Според сегашните резултати, Манчестер јунајтед и 11-та сезона по ред нема да има шанси да се радува на титулата во Премиер лигата, каде што е најтрофеен клуб во историјата со 20 пехари.

Манчестер јунајтед последниот шампионски пехар во Премиер лигата го освои под водство на легендарниот Сер Алекс Фергусон во мај 2013 година. Потоа Фергусон се пензионира, а Јунајтед не успеа да најде вистинска замена за легендарниот Шкот.

Дејвид Мојс, Луис ван Хал, Жозе Мурињо, Оле Гунар Солскјер и сега Ерик тен Хаг се тренерите коишто беа на клупата на Манчестер по заминувањето на Фергусон и никој не успеа да го одведе клубот на шампиони патеки во Премиер лигата.

Вчерашниот пораз од Сити беше вкупно 34-ти на „Олд Трафорд“ во Премиер лигата откако се пензионира Фергусон. Колку за споредба, Фергусон, кој 27 години беше предводник на екипата, загуби само 34 пати во кариерата како тренер на Црвените ѓаволи. Сега оваа бројка од 34 порази се достигна само за 10 години, што само потврдува каква била моќта на легендарниот Сер Алекс, кој во витрините на „Олд Трафорд“ донесе 13 шампионски трофеи од Премиер лигата, а вкупно 38 пехари во сите натпреварувања како предводник на англискиот гигант.

- Оглас -

Најнови вести