Тренерот на Арсенал моли: Сменете ме побрзо!

Арсенал вчера на свој терен убедливо со 3:0 загуби од Манчестер сити на меч во кој гостите уште во првото полувреме дадоа три погодоци и потоа само рутински го одработија вториот дел. Топчиите делуваа немоќно да се спротивстават на ривалот, па повторно останаа без освоени бодови и моментно се на деветото место на табелата.

Фредерик Љунгберг беше тренерот кој од клупата го предводеше Арсенал. Тој дојде на местото на Унаи Емери, кој доби отказ поради слабите резултати. Сепак, ниту со Љунгберг на клупата Топчиите немаат напредок во играта. Самиот Љунгберг, кој е донесен како привремено решение, бара што е можно побрзо да се најде замена за него.

„Уште претходно реков дека мора да се донесе некаква одлука. Јас и моите соработници сме тука за да помогнеме колку што можеме, но време е да се повлече некаков потег бидејќи ова сега му носи штета на клубот. Ако треба нека ме сменат, само да знаеме што е следниот потег. Пер Мертесакер е тренер во академијата, а сега мора да работи две работи истовремено. Мене секако дека ми е чест што сум на оваа позиција, но не знам уште колку ќе можам да издржам вака. Во скоро време мора да се направи нешто“, рече Љунгберг.

Шпекулациите се дека како нов тренер на Арсенал може да биде поставен Маурисио Покетино или Масимилијано Алегри, но засега нема никаква вистинска реакција.

 

- Оглас -

Најнови вести