Тренерот на Баерн сака да му даде лажна надеж на Челзи, Лампард знае дека е нокаутиран

Со победа од 3:0 на гостински терен, повеќе од јасно е дека Баерн Минхен само формално ќе треба да го одигра реваншот во Минхен за да го потврди пласманот меѓу најдобрите осум екипи во ЛШ. Германскиот првак немаше милост против Челзи и му даде три гола во второто полувреме за убедлива победа.

Тренерот на гостите, Ханси Флик, не сакаше да му ги одземе теоретските шанси на противникот, па вели дека неговиот тим уште не е пласиран во следната фаза.

„Одигравме одличен меч, но уште не сме пласирани во четвртфиналето. Треба да одиме чекор по чекор. Ова за нас е одличен резултат во Лондон. Сите кои беа на теренот одиграа одлично и стигнавме до добра предност. Сепак, да не заборавиме дека има и реванш во Минхен на кој треба да одиграме во ист стил“, рече тренерот на Баерн, Флик.

Стратегот на Челзи, Франк Лампард, признава дека неговиот тим бил нокаутиран, а најави дека во реваншот ќе игра за честа на клубот.

„Баерн ни зададе многу тежок удар. Во овој момент нашите играчи треба да видат на кое ниво се за натпреварување на еден ваков турнир. Секоја грешка тука се казнува, нема простување. За жал, тоа е реалноста. При пораз од 0:3 на домашен терен, не ни останува ништо освен да одиграме за честа на клубот во реваншот. Во фудбалот никогаш не треба да се откажеш, но едноставно треба да се биде реален“, рече Лампард.

- Оглас -

Најнови вести