Трогателна исповед на сопругата на легендарниот Паоло Роси: Ми почина на раце

Легендарниот италијански фудбалер Паоло Роси почина на 64-годишна возраст по долга и тешка борба со болеста која ја имаше. Италија ќе го памти како еден од најдобрите фудбалери што го имала, човекот кој е можеби и најзаслужен за третата светска титула на Аѕурите во 1982 година.

Роси почина во својот дом, покрај своите најблиски. Неговата сопруга Федерика Капелети прва ја објави тажната вест, а потоа и целосно ги опиша последните часови од животот на легендарниот фудбалер.

„Во моментите кога умираше и не сакаше да си замине, јас цврсто го прегрнав и му реков: „Паоло доста патеше, оди сега. Напушти го ова тело и оди. И премногу направи“. По тие мои зборови, моментално заспа“, вели Федерика, која е позната италијанска новинарка.

„Паоло беше едноставна личност, полн со оптимизам и во најтешките моменти. Беше голем човек, но и едноставен. На ист начин зборуваше кога беше во друштво со претседатели, но и со обични луѓе во супермаркети. Во тоа беше неговата големина. Тој е личност која толку многу работи ги научи нашите ќерки. До последните моменти ја покажуваше својата волја за живот, својата храброст, одлучноста. Не сакаше да се предаде и постојано зборуваше дека може да ја победи болеста. Тешко ми е да зборувам. Ова беше тешка година“, вели во дел од својот говор сопругата на легендарниот Паоло Роси.

Во играчката кариера посебно ќе се памтат игрите на Роси на Мундијалот во 1982 година, кога со хет-трик го елиминира Бразил, потоа даде два гола во победата над Полска во полуфиналето, а беше стрелец и против Западна Германија во финалето кое Италија го доби со 3-1. Подоцна ја освои и Златната топка.

 

- Оглас -

Најнови вести