Творците на најголемиот романски срам експресно можат да бидат фудбалски херои

Дан Петреску конечно нема да има шанса да се расправа со судиите, што како играч, и тоа одличен, му беше голема мана бидејќи вечерва од 21 часот на стадионот „Константин Радулеску“, кој е дом на актуелниот романски првак Клуж, за првпат во историјата на фудбалот во оваа земја ќе има ВАР-систем за прегледување на спорните моменти.

„Им кажав на играчите да внимаваат. Сега не може да се сокрие ништо на теренот. Јас лично би сакал секогаш да има ВАР-систем на моите натпревари, така конечно ќе немам проблем со судиите“, изјави тренерот на Клуж и голема легенда на романскиот фудбал.

Петреску, сепак, повеќе ќе внимава како да се дојде до победнички рецепт и вечерва на домашен терен против Славија Прага и во реваншот за експресно да се избрише ланскиот срам. Барем така испаѓањето од Дуделанж во плејоф-фазата за настап во Лигата на Европа го окарактеризираа романските медиуми.

„Ова е најголемиот срам на клупскиот фудбал во историјата на Романија“, грмеа новинарите по двата порази на Клуж од апсолутниот аутсајдер од Луксембург.

Но, клубот од северозападот на Романија има и светли моменти, и тоа доста и на домашната и на европската сцена. Играчите на Клуж во историскиот настап за нив во Лигата на шампионите во сезоната 2008/09 приредија подвиг веднаш на стартот со победа во Рим против Рома.

Потоа имаше уште учества во фазата по групи во елитното европско клупско натпреварување, а Клуж е екипата што  речиси по две децении доминација на екипите од Букурешт ги сопре со освојување на титулата пред една деценија.

„Сакаме кога нè прогласуваат за аутсајдери. Минавме три квалификациски рунди во таква позиција, а и сега противникот барем на хартија е во предност. Најважно е да победиме и да не примиме гол бидејќи Славија има брзи играчи, што се опасни во контранапади“, вели Сипријан Деак, еден од големите адути на Клуж за уште еден подвиг.

Особено големи мотиви ќе имаат двајцата опасни стрелци, Цукудеан и Омрани, кои беа дел од ланската генерација прогласена за утка на сите времиња поради неуспехот со Дуделанж. Тие двајца беа јунаци на подвигот против Селтик и по еднаш ја тресеа мрежата на шкотскиот гигант во сензационалната победа на романскиот шампион од 4:3 на „Глазгов парк“, доволна за пласман во финалето на квалификациите.

Искуство од настапи во фаза по групи има и Славија, а многу комплименти за стилот на игра заслужува тренерот Трпишовски, за кого велат дека е еден од најдобрите стратези во чешкиот фудбал.

„Има малку специфичен план. Ги анализиравме сите можни агли, акции и реакции на играчите на Клуж и верувам дека можеме да бидеме подобри. Но, тоа се докажува на терен“, изјави Трпишовски.

Против гостите денеска ќе биде и традицијата, која вели дека романските екипи биле подобри од чешките во последните 8 нокаут-дуели на европската сцена.

 

- Оглас -

Најнови вести