УЕФА и ФИФА не се усогласени ни околу евентуалното враќање на Русите

УЕФА е подготвена да го блокира враќањето на руските тимови во меѓународниот фудбал откако Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) привремено ја укина суспензијата на земјата од глобалните натпреварувања.

Одлуката на ИОК е препорака што може да се следи или игнорира. Фудбалот отсекогаш бил независен, па одлуката не значи автоматски дека руските клубови и репрезентации ќе бидат вратени. ФИФА и УЕФА не брзаат да ги укинат санкциите против Русија бидејќи тимови од многу земји може да ги бојкотираат натпреварите против Русите. Сепак, има разлика. 

ФИФА навести дека ќе го преиспита својот став откако ги забрани руските селекции и тимови по инвазијата на Украина пред четири години. Сега „ќе ја анализираат одлуката пред да одлучи за следните чекори“, додека ставот на УЕФА е спротивен и тврд, извори од неколку национални асоцијации наведуваат дека нема реални шанси руските тимови повторно да бидат вратени во европскиот фудбал, а со тоа и пропаѓа шансата Русија да игра на Светското првенство 2030 бидејќи иако е турнир на ФИФА, европските квалификации ги води УЕФА.

Многу од најголемите западноевропски федерации, вклучувајќи ги и оние во Англија, Германија и Франција, и натаму се остро против враќањето на Русија. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, се кандидира за реизбор следната година, што го прави малку веројатно дека ќе ризикува да отуѓи голем дел од своето гласачко тело.

Од друга страна, ФИФА е поотворена повторно да ја пречека Русија. Претседателот Инфантино стави до знаење дека би го поздравил враќањето на оваа земја. 

Инфантино во февруари изјави: „Оваа забрана не постигна ништо, само создаде поголема фрустрација и омраза“.

Прашањето за Русија би можело да отвори уште една голема линија на поделба меѓу двете најмоќни организации во светскиот фудбал, кои веќе се судрија јавно оваа недела. Конфликтот избувна откако дисциплинската комисија на ФИФА направи преседан и ја укина суспензијата на Фоларин Балогун од САД по добиен црвен картон.

- Оглас -

Најнови вести