Умре херојот на Манчестер кој успеа да ги спаси Боби Чарлтон, Мет Бизби и уште четворица во авионската несреќа

Легендарниот голман на Манчестер јунајтед Хари Грег почина на 87 години. Грег ќе биде запамтен не само поради своите одлични одбрани, туку и по херојскиот подвиг што го направи во најголемата трагедија во историјата на англискиот гигант. Тој е познат под прекарот Херојот од Минхен затоа што Грег е човекот кој успеа да спаси шестмина во авионската несреќа која се случи во февруари 1958 година во Минхен.

На тоа кобно патување играчите на Манчестер се враќаа од натпревар во Белград против Црвена ѕвезда, а авионот застана во Минхен да дополни гориво. Кога требаше авионот од Минхен да полета кон Манчестер, тој се сруши во блиската нива удирајќи во еден објект.

Грег остана неповреден во несреќата, а веднаш започна да помага и да извлекува повредни патници од запалениот авион. Успеа да ги спаси соиграчите Боби Чарлтон, Џеки Бленчфлауер и Денис Виолет, како и тешко повредениот тренер Бизби. Грег ги спаси и трудната Вера Лукиќ, која беше сопруга на еден југословенски дипломат, како и нејзината ќерка Весна.

За овој херојски подвиг во трагедијата на тој 6 февруари во Минхен, Грег ја доби титулата Витез во Велика Британија.

Од фудбалската кариера ќе биде запамтено дека голманот дојде во Манчестер во 1957 година и за тогашни 23.500 фунти стана најскапиот голман во историјата на фудбалот. Веќе следната година беше прогласен за најдобар голман на Светското првенство, а ги бранеше боите на Северна Ирска.

 

- Оглас -

Најнови вести