Ваква драма во Лигата на шампионите немало 13 години, денеска нови возбудувања

Ракометарите на Висла Плоцк и Кил вчера се пласираа во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а денеска треба да бидат познати уште две екипи кои ќе продолжат во следната фаза од елитното натпреварување на ЕХФ. Кил киксираше дома и загуби од Динамо Букурешт со 31:32, но благодарение на победата во првиот меч на гости со убедливи 41:28, германскиот тим оди понатаму.

Неверојатна драма имаше на дуелот Нант – Висла Плоцк. Мечот заврши нерешено 25:25, интересно е дека и на првата средба немаше победник и беше 32:32. Затоа мораше да се шутираат пенали, по кои гостите беа подобри со 5:4 и се пласираа во четвртфиналето.

Во ракометната Лига на шампиони ова е првпат уште од сезоната 2009/2010 во нокаут-фазата да се решава победникот по изведување на пенали и да биде нерешено по два одиграни дуела. Тука не се сметаат дуелите во Фајнл форот, каде што еден меч решава за победникот. Пред 13 години, Чеховски Медведи на пенали го елиминира Монпелје во четвртфиналето.

Денеска ќе има нови возбудувања во Лигата на шампионите. Веспрем дома само формално треба да ја заврши работата против Пик Сегед во унгарската пресметка затоа што на првиот дуел Веспрем славеше убедливо со 36:23. Во вториот меч играат ГОГ и Алборг и тука треба да биде многу понеизвесно. Алборг на првиот меч славеше со 30:28, а сега ГОГ дома е фаворит и треба да ги стигне тие два погодока негатива.

- Оглас -

Најнови вести