Ваква „фешта“ никогаш немало на СП: Ќе има три спектакуларни отворања во трите земји домаќини

Уште само два дена остануваат до стартот на Светското првенство во фудбал, а отворањето на овој Мундијал ќе биде уникатно. Како никогаш досега, планетарниот собир ќе се одржи во три земји (САД, Канада и Мексико) и во сите три ќе има одделни церемонии кои ќе го означат почетокот на најголемиот фудбалски собир во историјата.

Како што е вообичаено, на стартот на турнирот започнува земјата која е домаќин, а пред мечот најчесто има музичко шоу. Овој Мундијал, кој е прв со 48 репрезентации, ќе започне во Мексико сити, на легендарниот стадион „Ацтека“, а првиот меч ќе биде меѓу домашната селекција и Јужна Африка.

Церемониите ги дизајнираше италијанскиот продуцент Марко Балич, кој работеше и на церемониите на отворањето на овогодишните Зимски олимписки игри во Милано и Кортина. Секоја програма ќе трае приближно 90 минути пред почетокот на натпреварот.

На церемонија на отворање во Мексико, во главна улога ќе бидат Шакира и Бурна Бој. Тие ќе ја изведат песната „Даи Даи“, официјалната химна на шампионатот. Во мексиканската постава за отворањето ќе настапат и Алехандро Фернандес, Белинда, Дени Оушн, Џ. Балвин, Лила Даунс, Лос Анџелес Азулес, Мана и Тила.

ФИФА планираше посебна церемонија за секоја земја домаќин, па затоа церемонијата на отворање ќе се одржи и во САД и Канада. На 12 јуни во Торонто пред натпреварот Канада-Босна и Херцеговина ќе има ново шоу, а главни изведувачи ќе бидат Мајкл Бубле, Алесија Кара и Аланис Морисет. Меѓу настапувачите се и палестинската пејачка Елијана и францускиот уметник Вегедрим, познат по песната Ramenez la coupe a la maison, со која се прослави победата на Франција на Светското првенство во 2018 година, како и изведувачите Џеси Рејез, Нора Фатехи, Санџој и Вилијам Принс.

Во Лос Анџелес, на 13 јуни, пред натпреварот САД-Парагвај, ќе присуствува Кети Пери, а ќе настапи и раперот Фјучр на отворањето планирано во САД. Ќе настапат и Тила, која се појави на други церемонии, како и Лиса од К-поп групата Блекпинк, нигериската уметница Рема и бразилската пејачка Анита.

Шакира е меѓу ѕвездите кои се најавени дека ќе настапат на полувремето од финалето на Светското првенство, заедно со Мадона и БТС. Песната „Даи Даи“ има цел да собере 100 милиони долари за поддршка на Фондот за глобално граѓанско образование на ФИФА.

- Оглас -

Најнови вести