Ван дер Сар: Ова со ВАР што се прави веќе не е фудбал!

Еден од најдобрите голмани во неговото време, Едвин ван дер Сар е зачуден од тоа колку ВАР системот има влијание на конечниот резултат во денешниот фудбал. Голманот кој бранеше за холандската репрезентација, а го носеше дресот и на Манчестер јунајтед преку социјалните мрежи го искажа своето незадоволство за тоа како судиите носат одлуки по сугестија на ВАР системот.

Иако беше голман во Манчестер јунајтед, Ван дер Сар, реагираше за поништениот погодок на Ливерпул во градското дерби против Евертон. Хендерсон погоди во 93 минута за 3:2 за Ливерпул, но по преглед на ситуацијата, ВАР технологијата оцени дека имало милиметарски офсајд од Садио Мане.

„Ова веќе не е фудбал. Одлуките ги донесува компјутерска програма. ВАР треба да постои за да се елиминираат судиските грешки и да покажат кога има чист офсајд, а судијата тоа не го забележал. Ова не треба да е поентата на ВАР системот“, напиша Ван дер Сар, кој сега е извршен директор на холандскиот гигант Ајакс.

Ван дер Сар имаше 130 настапи за репрезентацијата на Холандија, а на клупски план освен во Ајакс и Манчестер јунајтед, бранеше и за Фулам и Јувентус.

 

- Оглас -

Најнови вести