Вардар донесе нов Бразилец

Жуниор Реис Родригес е играчот кој е промовиран како прво зимско засилување на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар. Жуниор потпиша договор на една година, со можност за продолжување на уште една. Бразилецот добро ги познава состојбите во македонскиот фудбал бидејќи досега ги бранеше боите на Македонија Ѓорче Петров. Игра на позицијата лев бек.

„Среќен сум што станав дел од Вардар. Знам дека се работи за најдобриот клуб во Македонија, најтрофејниот тим и чест ми е што можам да играм во Вардар. Ќе дадам сè од себе екипата да бележи добри резултати, да освојува бодови и, секако, се надевам на освојување на шампионската титула уште оваа сезона“, рече Жуниор.

Играчот кој треба да биде засилување за „црвено-црните“ во пролетниот дел веќе е во Аланија, каде што одигра и два контролни меча пред да го стави потписот на договорот.

„Добро се вклопувам во новата средина и одлично сум примен од новите соиграчи. Сега останува добро да работиме и да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната. Се надевам на добри игри и на добри резултати во вториот дел од сезоната и, се разбира, посакувам прво место на крајот“, додава Жуниор.

- Оглас -

Најнови вести