Вардар и Е. Пелистер апелираат неделното дерби да биде мирно на трибините и да победи ракометот

Главните фаворити за титулата во ракометната Суперлига, Вардар и Еурофарм Пелистер, в недела ќе го играат првото големо дерби сезонава, а првите луѓе на двата тима се огласија со заедничко соопштение.

Претседателите на Вардар и на Е. Пелистер, Михајло Михајловски и Зоран Стерјев, по одржаниот состанок во пресрет на дербито, упатија апел до навивачите, тренерите и ракометарите дербито да биде мирно и да победи ракометот.

Дербито ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“, а е најавено доаѓање и поголема група навивачи на Пелистер, Чкембари.

„За реализација на тоа, сите ние, директни (играчи и тренери) и индиректни актери на напреварот, треба максимално да придонесме секој во рамките на своите улоги, желбата да стане реалност.

Како први луѓе на клубовите, ние на терен, меѓу себе сме лути спортски ривали, но во исто време и добри спортски пријатели и пријатели и надвор од спортот. Ние силно веруваме во спортската идеја и приказна и ги правиме сите можни напори да овозможиме услови за да победи спортот и да победи моментално подобрата екипа“, се вели во заедничкото соопштение на двата клуба.

„Победникот се решава и треба да се решава на терен. Затоа сите ние треба позитивно да го поддржиме тој процес, да навиваме гласно, цивилизирано и коректно. Ниту едно запалено пиротехничко средство, ниту еден бокс или физички напад на трибините, фрлен камен пред сала пред или по натпреварот нема да одлучува за победникот на натпреварот. Таквите појави само ќе ја нарушат спортската атмосфера, ќе им наштетат на клубовите и ќе ја нарушат желбата да гледаме коректен, фер и квалитетен спортски ракометен натпревар“, стои во заедничкото соопштение на претседателите на двата тима.

- Оглас -

Најнови вести