Актуелниот шампион на Македонија, Вардар, со победа ги завршува подготовките во Италија и веќе погледите се насочени кон мечот од Лигата на шампионите против фински Купс.
„Црвено-црните“ на последниот контролен меч забележаа победа од 3-2 против составот на Виртус од Сан Марино.
Победата на вардарци беше најавена уште по првите 45 минути. Во седмата минута Закариќ погоди за 1-0 по асистенција на Пиреш, а во 20-тата минута веќе беше 2-0 за Вардар со голот на Дарко Велковски. Токму Закариќ беше асистентот за вториот гол.
Следуваа два брзи гола за Виртус, во 52-рата и во 55-тата минута, за израмнување на 2-2, а победата за Вардар ја донесе Закариќ во 80-тата минута со гол по асистенцијата на Пиреш.
Првиот натпревар од квалификациите за пласман во Лигата на шампионите против фински Купс ќе се одигра на седми јули во Скопје, додека реваншот е една седмица подоцна.

