Вардар по осум години повторно е во Лигата на шампионите, победа е прва опција

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар попладнево од 18 часот на арената „Тодор Проески“ ќе игра против КуПС од Финска во првото коло од квалификациите во Лигата на шампионите. Цели осум години чекаше Вардар повторно да биде дел од елитното европско натпреварување.

Поради слабиот коефициент, Вардар е во улога на неносител, но квотите велат дека Црвено-црните имаат исто шанси за победа како и КуПС.

Оптимизам владее кај фудбалерите и кај стручниот штаб. Сите веруваат дека денеска може да се стигне до позитивен резултат за да се има добри шанси и во реваншот кој ќе се игра следниот вторник во Финска.

Шампионот на Финска е во полн натпреварувачки ритам. По 15 одиграни меча, КуПС е лидер на табелата со 30 бода (осум победи, шест ремија и само еден пораз). КуПС негува офанзивна игра, сака да се надмудрува со противникот, па може да се очекува возбудлив дуел на Арената во Скопје.

Вардар во летниот преоден рок донесе неколку нови фудбалери, а си замина Стефан Цветковиќ, кој беше најдобар во пролетниот дел од сезоната. Црвено-црните во подготвителниот период одиграа неколку меча со нисколигаши на подготовките во Италија, а сега ќе го имаат првиот вистински тест за силата на оваа екипа предводена од новиот тренер Кристијан Фабијани.

- Оглас -

Најнови вести