Вардар промаши пенал во 97 минута и не победи против Работнички

Вардар може да жали што не го победи Работнички во градското дерби, бидејќи во 97 минута, Дарко Мицевски промаши пенал. Дуелот во кој немаше премногу возбудувања, на крајот донесе драма. Вардар напаѓаше, а во 96 минута, поради играње со рака во шеснаесетникот на Христијан Пецов, Црвено-црните добија пенал во последните моменти од мечот.

Мицевски кој сезонава сигурно ги изведуваше ударите од белата точка, прв пат промаши, односно неговиот удар го одбрани голманот на Работнички Ристе Јанков. Веднаш по изведениот пенал, судијата Јосип Бартон отсвири крај на 70-тото градско дерби.

Ова е прв пат по 21 меч, овие два тима да одиграа без погодоци. Последен пат тоа се имаше случено во ноември 2014 година, кога исто така Вардар беше во улога на домаќин.

Без голови заврши и вториот денешен меч од Прва лига меѓу Струга Трим Лум и Силекс.

Утре се играат останатите мечеви од ова коло, а се среќаваат: Академија Пандев – Борец, Шкендија – Македонија ЃП и Шкупи – Ренова.

- Оглас -

Најнови вести