Во борбата против ковид-19: ФИФА организира хуманитарен натпревар

ФИФА преку својата фондација ќе организира хуманитарен натпревар со кој ќе се собираат средства за борбата против вирусот ковид-19. Целта на Светската фудбалска куќа е да се обезбедат финансии кои ќе се наменат како поддршка за Светската здравствена организација која се бори со пандемијата.

„Наша одговорност е да демонстрираме солидарност во овие моменти и да продолжиме да помагаме на каков било начин во оваа тешка битка. Активни сме од самиот почеток на пандемијата преку неколку кампањи, но сега сме посветени на тоа да организираме хуманитарен настан штом ќе бидеме во можност согласно со здравствените мерки, дури и ако тоа значи дека мечот ќе се одржи за неколку месеци. Со овој настан ќе се обидеме да вклучиме што е можно повеќе невладини организации и приватниот сектор, не само фудбалското општество, да ни се придружат во битката“, истакна Џани Инфантино, првиот човек на ФИФА.

Засега не е познато кога, односно каде ќе се одржи хуманитарниот натпревар, ниту пак кои фудбалски ѕвезди ќе учествуваат. Тие информации ќе се обелоденат наскоро.

- Оглас -

Најнови вести