Македонската кошаркарска репрезентација стигна до петата победа во петиот меч од предквалификациите за пласман на Европско првенство 2029 година, откако убедливо со 77:56 ја победи Република Ирска. Со овој триумф Македонија го обезбеди првото место во групата со максимални 10 бодови, па мечот на 5 јули на гости против Луксембург ќе биде чиста формалност.
Убава беше атмосферата во салата „Лазар Лечиќ“, а навивачите задоволни си заминаа по победата. Сепак, еден детал покажува дека во иднина организаторот, односно Кошаркарската федерација ќе треба малку повеќе да внимава на некои детали.
На билетите кои беа за денешниот меч против Ирска, забележително беше дека беа речиси идентични како тие кога во февруари оваа година Македонија го пречека Луксембург. Сменето е само името на противникот, но заборавено е на билетите да се смени и знамето на противникот.
Иако билетите се во црна-бела боја, јасно е дека знамето на Луксембург е со три хоризонтални линии, додека знамето на Ирска има три вертикални линии, но на денешните карти тоа не беше сменето, па ирското знаме беше прикажано со три хоризонтални линии, односно истото како од средбата против Луксембург.



