Во последните 26 години, само еден судија се осмели да досуди пенал за Реал на „Камп ноу“

Традицијата на Реал Мадрид да не му се судат пенали кога гостува во Ел Класико кај Барселона за малку ќе беше прекината синоќа, но судијата кој беше на теренот и тој во ВАР-собата одлучија дека нема потреба од гледање на снимка од двата спорни моменти во првото полувреме.

Во минатото дали има пенал, беше чисто судиско убедување и само од арбитерот зависеше дали ќе покаже на белата точка, но сега се користи и видеотехнологија како помош, но таа помош не се користи доволно.

Ова ги налути во Кралскиот клуб и им фрли сол на раните кои ги имаат подолго време. Цели 12 години поминаа од последниот досуден пенал за Реал на гостувањата на „Камп ноу“ на лигашки натпревар.

Реализатор беше Руд ван Нистелрој, кој сега е пензиониран и работи како помошник во холандската репрезентација. Пред тоа, Реал на првенствен меч на „Камп ноу“ шутна пенал во далечната 1992 година.

Последниот пенал на Реал кај Барса е од 2013 година, во меч од Купот на Шпанија. Го изведе и го реализираше Кристијано Роналдо. И овој пенал во 2013 и оној претходниот во 2007 година ги досуди истиот човек, Алберто Ундијано Малјенко, кој лани се повлече од активното судење.

Инаку, последните пенали за Барса на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид беа во 2014 (два) и во 2017 година. Изведувач беше Лионел Меси.

- Оглас -

Најнови вести