Во Струга фудбал да играм… – Шампионот Шкендија заглави на дното

Шампионот Шкендија остана на дното на табелата во Првата македонска лига, сосема изненадувачки, откако и денеска не успеа да победи против храбрите „лавови“ на Македонија Ѓорче Петров. Дербито на колото заврши нерешено, 1:1, што е одличен резултат за гостите од Скопје. Можеа и да победат, но промашија чист зицер во последните моменти.

Поведе Македонија со голот на Паду во 38. минута, а само 180 секунди подоцна Шкендија го постигна првиот гол во ПМФЛ. Стрелец беше репрезентативецот Егзон Бејтулаи, за конечни 1:1.

Вистинска еуфорија има во Струга, каде новиот прволигаш забележа втора домашна победа во првенството, денеска против Силекс со 2:1. Христијан Кировски со два гола потврди дека се уште е фудбалска марка во нашата лига и донесе многу радост кај стружани. Голот за Силекс го постигна Грозданоски.

Возбудливо реми одиграа Шкупи и лидерот Ренова, 2:2 на „Чаир“, додека Академија Пандев рутински го победи Борец со 2:0 на свој терен во Струмица.

Резултати, 3. коло: Шкендија – Македонија Ѓ.П. 1:1, Струга Трим Лум – Силекс 2:1, Академија Пандев – Борец 2:0, Шкупи – Ренова 2:2. Вчера: Вардар – Работнички 2:0.

Табела: Академија Пандев и Ренова по 7 бода, Струга Трим Лум 6, Македонија Ѓ.П. 5, Шкупи и Вардар по 4, Работнички и Силекс по 3, Шкендија и Борец по еден бод.

- Оглас -

Најнови вести