Војдан Стојановски: Имаме шанса, противниците ќе бидат некомплетни

Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, се рехабилитира од операцијата на коленото и со брат му Дамјан би требало да бидат големи засилувања за националниот тим во квалификациите за СП, откако не играа во претквалификациите.

Македонија за ривали во првата фаза ги доби Шпанија, Грузија и Украина, а во следната фаза продолжуваат првопласираните три репрезентации. Оваа прва фаза ќе се игра во ноември 2021, февруари 2022 и јуни 2022, а капитенот смета дека токму тоа што ривалите нема да бидат комплетни е еден од нашите адути.

„Мислам дека не сме без шанси во оваа група. Од противниците, само Украина ќе биде комплетна, додека за Шпанија и Грузија нема да играат најдобрите кошаркари. Веројатно Украинците ќе ни бидат ривал за третото место. Таму полека се враќа популарноста на кошарката, домашната лига е сè посилна, но сметам дека можеме да им парираме и да ги победиме. Клучно ќе биде со кого играме во јунскиот прозорец бидејќи тогаш на располагање ќе бидат и евролигашките и НБА-играчите“, коментира Стојановски по ждрепката во Мие.

Секоја победа е важна бидејќи се пренесуваат бодовите во следната фаза. Ако бидеме меѓу првите три, одиме во следна фаза, каде што ќе имаме мечеви против трите најдобри од групата во која се Русија, Италија, Исланд и Холандија.

- Оглас -

Најнови вести