Владата на Италија порача клубовите да се подготвуваат за следната сезона

Откако премиерот на Италија, Џузепе Конте, говореше за попуштање на мерките и можно враќање на фудбалскиот терен, почна славењето меѓу љубителите на Серија А, но денеска Министерот за спорт, Винченцо Спафадора, смета дека Италија е блиску до француското сценарио и веројатно лигата нема да се продолжи.

Спафадора им порача на клубовите да почнат да се подготвуваат за следната сезона.

„Ако сакаме да избегнеме каков било ризик од ширење на вирусот, треба да ги следиме примерите на Холандија и Франција. Искрено, се доближуваме до тоа сценарио. Играњето првенствени натпревари е ризично. Да сум на местото на претседателите на клубовите, би почнал да мислам на следната сезона. Ги повикувам челниците на лигата да размислат за План Б“, вели министерот.

корона-вирусот во Италија однесе над 27.000 животи.

Владата дозволи спортистите од индивидуалните спортови да почнат да тренираат, а оние од тимските спортови ќе почекаат барем до 18-ти мај. Ако првенството сепак продолжи, ќе се игра без публика.

Првиот човек на Фудбалската федерација на Италија, Габриеле Гравина, е лут поради ваквите изјави.

„Фудбалот е од голема помош за економијата и претставува социјален феномен од големо значиење. Разочаран сум што мора да се борам против апатија и незаинтересираност за фудбалот. Тажно е што се покажува големо непочитување кон спортот кој секој викенд го гледаат 14 милиони луѓе“, изјави Гравина.

Гравина додаде дека ако се чека исчезнување на ризикот и појавата на вакцина, фудбал нема да може да се игра до пролетта 2021 година, а толку не може да се чека.

- Оглас -

Најнови вести