Воопшто „не мрднаа со прст“, а се најголеми победници во зимскиот преоден рок

Реакциите околу рекордниот трансфер на Енцо Фернандес од Бенфика во Челзи не стивнуваат. Аргентинскиот фудбалер во јануари минатата година играше во Ривер плејт и малкумина во Европа знаеја за неговите квалитети.

Бенфика беше клубот кој летото 2022 година реши да го купи, и тоа за сума од 20 милиони евра. Играчот за врска одигра одлична полусезона во португалскиот тим, но светска промоција стекна на Мундијалот во Катар, каде што одигра одлично и беше еден од најзаслужните за тоа што Гаучосите се искачија на планетарниот трон.

Челзи реши да го доведе Фернандес во своите редови, без разлика колку тоа ќе чини, па Бенфика успеа да го продаде за рекордни во Англија 121 милион евра. Оваа сума е шестпати поголема од тоа што Бенфика само пред шест месеци му плати на Ривер плејт за Енцо, но интересно е дека и аргентинскиот гигант задоволно трие раце од трансферот во Челзи.

Според некои медиуми, Ривер плејт ќе добие дури 41 милион евра од трансферот на Фернандес во Челзи, додека други пишуваат дека во договорот со Бенфика стои дека на име на аргентинскиот тим ќе оди 25 отсто од трансфер-сумата, што би било 30 милиони евра.

Без разлика дали тоа ќе бидат 30 или 41 милион евра, Ривер плејт е апсолутен победник во овојпреоден рок затоа што без никаква активност заработи многу пари. Ако се додадат 20-те милиони кои ги доби пред шест месеци од Бенфика, тоа значи дека Енцо Фернандес е убедливо најскапиот фудбалер што Ривер успеал да го продаде, надминувајќи го досегашниот рекорд на Хавиер Савиола, кој во Барселона направи трансфер за 35 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести