За малку ќе настрадаше, па му го убија братот – Мендоза дочека и моменти на среќа, ќе дебитира за Колумбија

Стивен Мендоза, напаѓачот на француски Амиен, доби голема сатисфакција со повикот да дебитира за својата земја Колумбија на пријателските мечеви против Перу и Еквадор месецов, а головите во Лига 1 беа одлична препорака.

Мендоза со 4 погодоци за Амиен е во топ-10 стрелци во силната француска лига, а преживеа многу во последните пет години, па конечно дочека и моменти на среќа.

„Ова е еден вид сатисфакција за мене. За упорноста и за тоа што не се откажав и покрај проблемите што ги имав“, изјави Мендоза.

Има 27 години, а во последните пет сезони и буквално се изнашета по светот и играше за различни клубови на четири континенти. Постојано меѓу стандардно место во тимовите и на пат во друг клуб како позајмен играч, Мендоза смени пет клуба во последните пет години.

Со бразилскиот Коринтијанс ја освои и титулата во најтрофејната земја на планетата, но потоа беше испратен на позајмица во индискиот Ченајин, од каде што дојде во Коринтијанс.

Потоа се селеше во Њујорк сити во МЛС, повторно како позајмен играч, па со ист статус играше и за бразилска Бахија, а конечно направи трансфер во 2018 година и се скраси во Амиен.

Освен неверојатните патешествија од клуб во клуб на различни континенти, Мендоза имаше и многу проблеми во приватниот живот.

Во август годинава во Меделин беше ограбен, а напаѓачите му се закануваа и со убиство, а трагедија се случи само едне месец подоцна, кога братот на Стивен, Жејсон беше убиен. И тој беше фудбалер, а беше усмртен во Кали пред два месеца.

Стивен преживеа вистински пекол и во професионалната кариера и во личниот живот, па повикот да игра за Колумбија е вистинска сатисфакција за 27-годишниот фудбалер родум од Палмира.

- Оглас -

Најнови вести