За Василица, победата нека ѝ се падне на Македонија

Дуелот помеѓу Македонија и Хрватска од 18 часот во Минхен е најважниот досега за двете селекции на Светското првенство во ракомет за мажи бидејќи триумфот ќе значи пласман во следната фаза со пренесени бодови. На хартија, Хрватска е фаворит, но „црвено-жолтите“ уште не ја „испукале“ целата муниција. Дуелите со Јапонија и Бахреин беа само загревање и можеби денеска ќе дојдеме до прва победа над Хрватска на едно големо натпреварување.

ВУЈО МИСЛИ ДЕКА МАКЕДОНИЈА ТАКТИЧКИ Е ПОСИЛНА, НО ХРВАТСКА ИМА ПОДОБРИ ИНДИВИДУАЛЦИ

Легендата на светскиот ракомет, Веселин Вујовиќ, како аналитичар на хрватски „Индекс“ смета дека против „коцкестите“ е порозната одбрана која е составена од крупни, но и бавни ракометари, па лесно е да ги поминете во игра „еден на еден“. Некогашниот популарен тренер на Вардар му дава совети на некогашниот ривал Лино Червар.

„Македонија е тврда и тактички подобра репрезентација од индивидуално посилната Хрватска. Одличниот селектор Раул паметно го одмора Кирил Лазаров во одбраната и на негово место го уфрла Поповски, Талески и Кузмановски даваат голем придонес, а Филип Лазаров добро користи простор кога имаат играч повеќе. Стоилов си има специфична тежина во Македонија. Червар треба да одлучи како ќе игра. Јас секогаш велам дека треба да се знае кога се трча, кога се запира. Што ќе ти е брз центар откако си примил гол, ајде да не примиме гол, за да нема потреба од тоа брзо тргнување од центарот“, вели Црногорецот Вујовиќ, кој додава дека на првенството навива за Хрватска.

ЛИНО: ЛАЗАРОВ Е НАЈДОБРИОТ ШТО СУМ ГО ТРЕНИРАЛ

За хрватскиот селектор Лино Червар оваа средба е посебно емотивна бидејќи тој осум години работеше кај нас како тренер на Металург, а беше и селектор.

„Никој немаше слушнато за Талески, Кузмановски, Неловски, Крстевски, Дрогишки, Велковски, Томовски, тоа се само бекови и голмани. Мислам дека не бевме свесни каков тренер имаме, сè освестивме откако го загубивме“, вели Кирил Лазаров, кој исто така му е благодарен на Червар што од него направи ѕвезда во европски рамки.

Нашиот капитен во 2000 година потпиша за Загреб, тогаш го пречека Червар, исто како и во 2007, а Лино за него кажа дека е најдобриот ракометар кој некогаш го тренирал.

„Не издвојувам поединци, но Кирил Лазаров е исклучок. Тој е најголемиот што сум го тренирал во кариерата, пример за младите. Тој секогаш сака повеќе, подобро, има неверојатен победнички менталитет. Многу е талентиран, но неговиот успех е комбинација од самоодрекување, тренинг, креативност, трпение и победнички карактер“, вели Червар, кој ги тренирал и Балиќ, Дувњак, Метличиќ.

ТРАДИЦИЈАТА НА СТРАНА НА ХРВАТИТЕ

Македонија и Хрватска досега играле четири пати на големите натпреварувања, последен пат на ЕП 2016 година, и никогаш не сме победиле. Последниот меч преклани Хрватите го добија со 34:24. На СП сме играле еднаш, во 2015, а Хрватска славеше со 29:26.

- Оглас -

Најнови вести