Задоцнета реакција на Канада и Џозеф, Бразил ја докрајчи Црна Гора

По поразите од Литванија и Австралија, Канада конечно издвои резултат во нивна корист совладувајќи ја репрезентацијата на Сенегал со убедливи 82:60. Сепак, триумфот не е доволен за избраниците на Ник Нурс, кои ќе се преселат во фазата на натпреварувањето од 17 до 32 место.

Одличното издание на НБА-ѕвездата Кори Џозеф е задоцнета реакција, кој денес беше најефикасен играч на мечот со 24 поени. Сенегалците имаа намера да направат сензација, а за малку ќе им успееше планот. Откако ја освоија првата четвртина со 22-11, Канада постепено ја топеше негативата и пред паузата, го сврте резултатот. Фуриозниот старт на Канаѓаните во второто полувреме беше најава дека Сенегал ќе остане без победа во групната фаза.

Бразил со „три од три“ го потврди првото место во групата Ф, по денешниот триумф над Црна Гора со конечни 84:73. Црногорците успеаја да ја анулираат предноста од +15 на Бразил во последната четвртина, но трудот залудно беше вложен бидејќи Кариоките не дозволина шок во последните минути.

Црна Гора за првпат на Мундобаскетот оствари резултатска предност во воведните 10 минути, меѓутоа неискуството исплива на површина, па ни големиот Никола Вучевиќ не можеше да им помогне.

Хертас со 16  поени го предводеше Бразил до третата победа, Фелицио застана на 14 поени, додека Суза заврши со еден поен помалку. Кај Црногорците, најефикасен беше Нидам со 16 поени.

 

- Оглас -

Најнови вести