Зелено светло за Коман: Повредата не е сериозна, ќе биде достапен за Ливерпул

Кингсли Коман вчера беше херојот на Баерн во пресвртот над Аугсбург од 3-2. Францускиот крилен играч постигна два гола, додека асистираше на еден од трите, а во последните минути од средбата се здоби со повреда на зглобот од левата нога. Од таборот на Баерн стравуваа дека Коман повторно ќе мора да паузира, бидејќи токму на тој зглоб веќе има направено две операции и многу лесно може да дојде до нови проблеми.

Сепак, по денешните медицински прегледи е утврдено дека повредата воопшто не е сериозна, па Нико Ковач ќе може да смета на брзоногото крило во пресрет на гостувањето на „Енфлид“, каде германскиот првак ќе се соочи со Ливерпул во првиот осминафинален дуел во Лигата на шампионите.

Тоа се многу добри вести за тренерот на „баварците“, бидејќи веќе е познато дека нема да смета на услугите на Арјен Робен, како и на Томас Милер кој е суспендиран за двата натпревари против „црвените“, по добиениот црвен картон во последниот меч од групната фаза против Ајакс.

Дербито е закажано за вторник, со почеток од 21 часот, додека реваншот на „Алијанц арена“ е предвиден за 13-ти март.

- Оглас -

Најнови вести