Земјотрес во Тексас: Вестбрук и Харден повторно се тандем

НБА-лигата ја стресе нов земјотрес. Расел Вестбрук го напушти тимот на Оклахома сити тандер и се пресели во редовите на Хјустон рокитс. Двете западни франшизи се договорија на размена, а Оклахома за возврат го доби Крис Пол, како и четири идни пикови од драфтовите во 2021, 2024, 2025 и 2026 година.

Ова е последниот голем трејд, односно агмажман кој се случи летово во најсилната кошаркарска лига во светот, со тоа што Западот доби нов конкурент за титулата. Вестбрук повторно ќе соработува со Џејмс Харден, претходно двајцата ја делеа соблекувалната во Оклахома од 2009 до 2012 година. Хјустон со овој трејд очекува да биде поконкурентен во однос на минатите сезони и ќе се обиде да оди чекор подалеку во разигрувањата, односно да се донесе титулата во Тексас, која се чека од 1995 година.

Несомнено, Западната конференција ќе биде далеку поквалитетна од Источната бидејќи сега има најмалку пет екипи кои се меѓу фаворитите за освојување на тронот на НБА.

Лејкерс направија моќно трио со Џејмс, Дејвис и Казинс, додека нивниот градски ривал Клиперс ги ангажираше Ленард и Џорџ. Секако, не треба да се заборави вицешампионот Голден стејт предводен од Кари и Томпсон, а засилен со Расел. Тука се и Далас со европските сили на Дончиќ и Порзингис, но и Денвер на чело со Никола Јокиќ.

Едно е сигурно, новата сезона ќе биде една од највозбудливите досега за следење, а многу е тешко да се прогнозира, односно да се предвиди кој ќе стигне до целта.

- Оглас -

Најнови вести