Жељко Обрадовиќ е нов тренер на Панатинаикос, откако прославениот српски стратег ја прифати понудата на Димитрис Јанакопулос и потпиша тригодишен договор со „зелените“ од Атина.
Тој доаѓа на местото на Ергин Атаман, по разочарувачката сезона во која ПАО остана без ниту еден трофеј. Шпекулациите дека Јанакопулос ќе стори сѐ за да го врати Обрадовиќ во Атина започнаа веднаш по заминувањето на искусниот тренер од Партизан. Стратегот пред два дена пристигна на завршни преговори во грчката престолнина, кои резултираа со официјален потпис и тригодишна соработка.
Во свој препознатлив стил, големиот потпис го потврди самиот Јанакопулос. Тој на својот инстаграм-профил објави заедничка фотографија со Обрадовиќ, дополнета со пораката: „Кралот се врати, приказната продолжува.“
За Обрадовиќ ова е враќање во клубот со кој своевремено доминираше во европската кошарка. Српскиот стратег првпат застана на кормилото на ПАО во 1999 година и остана дури 13 сезони, период во кој освои пет европски титули и 11 шампионски трофеи во Грција.

