Жоао Феликс танцуваше на „Ванда“, минималец за Атлетико (видео)

Атлетико Мадрид со минимални 1-0 над Хетафе ги освои првите бодови во новата сезона во Ла Лига. За избраниците на Диего Симеоне триумфот го донесе Алваро Мората, кој ја затресе мрежата на гостите во 23-тата минута, а можеше да биде двоен стрелец да не утнеше пенал во вториот дел.

По динамичните триесетина минути, двете екипи се заострија со стартовите, па судијата Куадра пред паузата подели по еден црвен картон на двете страни. Молина ги остави на цедило гостите во 38-мата минута, а новиот бек на Јорганџиите, Ренан Лоди, направи два непотребни фаули во рок од една минута, а по вториот жолт картон го заврши мечот.

„Ванда Метрополитано“ го виде португалскиот бисер Жоао Феликс во вистинско светло. Суперталентираниот тинејџер крадеше воздишки од трибините, со еден велеслалом во стилот на Меси претрча околу 60 метри и изнуди најстрога казна за својата екипа, која Мората не ја искористи. Инаку Феликс пред време го заврши мечот, во 66-тата минута излезе од игра поради сомнеж дека се работи за повреда на левата нога.

Погледнете го магичниот соло продор на Феликс:

https://twitter.com/90MinsWithSat/status/1163201773311594497

- Оглас -

Најнови вести