Напаѓачот на египетската репрезентација, Мостафа Зико, го критикуваше судијата на осминафиналниот натпревар од Светското првенство против Аргентина (2-3).
Зико постигна гол во 58-мата минута, но судијата Франсоа Летексие го поништи откако прегледа снимка преку ВАР-системот, кој откри дека Египќанецот Марван Атија претходно стапнал на ногата на Аргентинецот Лисандро Мартинес.
„Судијата постапи неправедно. Тој влезе на теренот од првата минута со цел да се погрижи да загубиме. Сакавме да му угодиме на египетскиот народ, но на крајот ѝ честитаме на Аргентина за освојувањето на Светското првенство. Овој турнир е оркестриран и тие не треба да ги играат преостанатите натпревари. Судијата го уништи сонот на цела земја. Нè осуди затоа што едноставно не смеевме да ја победиме Аргентина“, рече Зико.
Селекторот Хосам Хасан исто така ја критикуваше ФИФА.
„Сè е околу парите. Тие сакаат Меси да остане на првенството. Во фудбалот многу работи се случуваат надвор од теренот поради разни интереси. Она што се случи беше неправедно. Египет заслужи да помине во следната рунда, бевме подобриот тим“, рече Хасан.

