Струга и Ренова знаат да почитуваат традиција, домаќините победија со гол во последен момент

Дејан Цветановски е јунакот на Струга Трим Лум и со неговиот гол во 92-рата минута, стружани ја победија Ренова со 1:0 во последниот меч од Првата македонска лига за 2021 година.

Цветановски влезе во игра во 84-тата минута и донесе три бода за Струга со гол со глава во самиот финиш, односно во втората минута од судиското продолжение.

Дотогаш мечот беше слаб во идилични услови за игра, крај езеро и со снег зад головите.

Сликата беше како од бајките, но тоа не ги мотивираше фудбалерите да одиграат квалитетен меч, што го добија домаќините во последните мигови.

Струга имаше и дополнителна предност од 64-тата минута, или половина час играше со фудбалер повеќе по исклучувањето на Бајрами, и на крајот успеа да го пробие бедемот на цврстите гипсари за победа.

Ова беше шести меѓусебен меч на двете екипи со 0-1 гол во серија.

Ренова сега е на петтото место со 27 бода по 18 кола, додека Струга остана на седмото место со 26 бода.

Натпреварите од македонската Прва лига продолжуваат на 13 февруари, со дуелите од 19-тото коло.

 

- Оглас -

Најнови вести