Звучи неверојатно за плејоф-двобој: Портланд во последните 70 минути против Лејкерс ниту еднаш немал предност

Додека фудбалските возбудувања од најсилните лиги се во мирување, фокусот е на НБА лигата. Најдобрите клубови во светот разигруваат во плејофот за титулата. Лос Анџелес лејкерс е еден од фаворитите за место во финалето, па не е чудно што води со 3:1 во победи против Портланд.

Интересно е што Порталнд го доби првиот меч, но потоа следуваше потоп за Трејлблејзерси. Лејкерси со 23 разлика го добија вториот меч, покажувајќи ја целата сила. Во третиот дуел, Портланд играше добро во првото полувреме, а на почетокот на третата четвртина имаше предност од 64:58. Тогаш Лејкерс со серија од 12:0 стигна до водство од 70:64. Од тој момент, Лос Анџелес ниеднаш не дозволи Портланд да се врати во водство и на крајот Лејкерси победија со 116:108.

Четвртиот меч беше посебна приказна, а Портланд немаше никаква шанса. Во дуелот посветен на Коби Брајант, Лејкерс започна силовито. Фаворитот поведе со 15:0 и во продолжение на средбата, Портланд не само што не припари до водство, туку во ниту еден момент не намали барем на едноцифрена негатива. На почетокот на третата четвртина, Лејкерс водеше и со 38 разлика (92:54), а до крајот Портланд успеа да намали на подносливи 20 поени разлика.

Ако се гледаат последните два меча во плејоф-серијата на овие екипи, Портланд цели 70 минути немал водство против Лејкерс. Тука влегуваат сите 48 минути од четвртиот меч, 12-те минути од последната четвртина од третиот дуел и плус уште 10 минути од третата четвртина на третата пресметка.

Ако се знае дека Портланд ќе биде без првата ѕвезда во тимот, Лилард, едноставно јасно е дека ова треба да биде лесна победа за ЛА лејкерс.

Вечерва се играат уште два меча во НБА-плејофот. Хјустон и Оклахома играат многу важен петти меч при резултат 2:2, додека Милвоки треба да ја потврди доминацијата против Орландо и со евентуална победа да стигне до 4:1 и пласман во следната фаза.

- Оглас -

Најнови вести