Ноќ за дерби мечеви – Аргентинското Суперкласико е во фокусот

Бока јуниорс – Ривер плејт (Копа Либертадорес, 02.30 часот)

Милионерите се поблиску до пласман во финалето на Копа Либертадорес, бидејќи доаѓаат на легендарната „Бомбоњера“ со предност од 2:0 од првиот меч.

Ривер се непоразени на гостински терен во овој циклус на натпревари, а против вечниот ривал имаат серија од 7 меча без пораз на последните меѓусебни дуели.

Во едно возбудливо и многу невообичаено финале во ланската сезона на Копа Либертадорес го надиграа тимот на Бока во двомечот што заврши во Мадрид.

Бока има проблем со триото Тевез, Де Роси и Абилја кои имаат повреди и нивниот настап е неизвесен. Сепак на популарното Суперкласико како што велат се игра и со една нога, а исходот секогаш е неизвесен.

Бока мора да напаѓа, како што е вообичаено на „Бомбоњера“ ќе има спектакуларна атмосфера па во такви услови се е можно.

Предлог тип: 1Х&2-5 гола (2.15)

 

Бостон бруинс – Торонто Мејпл лифс (НХЛ, 01 часот)

Ова е еден од хокеарските класици во НХЛ лигата, а дуелите меѓу Бостон и Торонто секогаш се со посебен шарм. Ќе се судрат две франшизи што се основачи на Лигата од друштвото на популарните „Оригинални шест“ во спорт што е многу атрактивен.

Само Монтреал и Детроит имаат повеќе финалиња и се рангирани пред Торонто и Бостон на вечната листа. Сега е рано да се говори за титулата, бидејќи новата сезона само што почна, но на мразот во „ТД Гарден“ ќе биде особено возбудливо ноќеска.

Двете екипи играа меѓусебе пред два дена и во регуларен дел мечот заврши нерешено, 3:3, а победата на Торонто во продолжението ја донесе Морган Рајли.

И двете екипи имаат по 12 бодови, но Бостон од 8 меча, а Торонто од 10 одиграни натпревари. Уште еден податок ќе биде предизвик за да се следи Класикот во НХЛ, бидејќи ќе играат две екипи со најефикасен напад и најдобра одбрана.

Торонто е број 1 моментно во Лигата според бројот на голови, постигна 38, а Бруинс ја имаат најдобрата одбрана во Источната конференција со само 18 примени погодоци.

Предлог тип: Х (4.05)

 

Минесота вајлд – Едмонтон ојлерс (НХЛ, 02 часот)

Едмонтон има супер старт на сезоната за разлика од Минесота која почна очајно и е последна во Западната конференција со само 4 бода, што е најмалку во целата Лига.

Вајлд почнаа многу питомо, а противниците си освојуваат бодови против нив. Зак Паризе, Мико Коиву, Ерик Стал, Ник Фолињо се квалитетни хокеари, што можат да донесат пресврт кај Минесота, но се чини дека не се сите линии добро пополнети кај фенерџијата во НХЛ.

Малку се поправија со триумф против Монтреал, но сега ќе имаат многу незгоден и разигран ривал во Едмонтон.

Ојлерс по долг период се на врвот во НХЛ лигата во трилингот екипи што имаат по 15 бодови, заедно со Колорадо и Бафало. Едмонтон игра одлично, ги има во составот вториот и третиот хокеар според бројот на поени во Лигата, Мек Дејвид и Драјсајтл, а разигран е и ветеранот Џејмс Нил, кој е прв стрелец во НХЛ со 9 голови.

Едмонтон е во топ-форма и е фаворит за победа.

Предлог тип: 2 (2.65)

 

Торонто репторс – Њу Орлеанс пеликанс (НБА, 02 часот)

Шампионите ќе почнат една нова ера, без главната ѕвезда Кавај Ленард, а ноќеска за нив е посебен момент, бидејќи пред дуелот со Пеликанс ќе им бидат доделени шампионските прстени.

Ќе бидат нешто послаби сезонава без Ленард, но сепак имаат добар тим што може да стаса до плејофот. Останаа Лаури, Сијакам, Марк Гасол, пристигна Холис – Џеферсон од Бруклин, што им влева надеж за добри настапи во новата сезона во НБА лигата.

Њу Орлеанс остана без популарната Веѓа, бидејќи Ентони Дејвис замина во Лос Анџелес лејкерс во замена за неколку кошаркари на езерџиите.

Лонзо Бол и Брендон Инграм ќе имаат повеќе шанса во Њу Орлеанс да играат и да го потврдат талентот, а тимот повторно ќе го предводи Жру Холидеј. Проблем за Пеликаните е што се повреди Зајон Вилијамсон, првиот пик на драфтот и тој ќе паузира од 6 до 8 недели.

Торонто направи помалку промени во ростерот од Њу Орлеанс и е фаворит за победа.

Предлог тип: 1 (1.48) Супер тип на Sport Life

 

Лос Анџелес клиперс – Лос Анџелес лејкерс (НБА, 04.30 часот)

Ѕвездено шоу на стартот од новата сезона во НБА лигата ќе се игра во „Стејплс центар“ во Лос Анџелес, а и двете екипи и големи ривали осетно се засилија.

Леброн Џејмс го доби тоа што го сакаше, пристигна Ентони Дејвис, па сега Лос Анџелес лејкерс се меѓу фаворитите за титулата.

Истото може да се каже и за Лос Анџелес клипрес, кои ги доведоа топ-ѕвездите, Кавај Ленард и Пол Џорџ. Ноќеска Џорџ нема да игра, но Клиперс и без него имаат одличен состав. Остана ветеранот Лу Вилијамс, тука се и Монтрез Харел, Патрик Беверли, па и двата клуба од Лос Анџелес ќе бијат битка за висок пласман.

Клиперс ноќеска условно се домаќини, иако домот на двете екипи е истиот „Стејплс центар“, а фаворити се Лејкерс. Дерби е и ќе се обидеме да типуваме на вкупно поени и тоа на плус.

Предлог тип: > 223.5 поени (1.90)

 

- Оглас -

Најнови вести