Хуманитарен тикет со човекот што го оствари рекордниот трансфер на Елмас во Наполи

Никола Ѓошевски е човекот што како што самиот вели само помогна да се реализира најголемиот трансфер во историјата на македонскиот фудбал, со доаѓањето на Елиф Елмас во Наполи за вкупна сума од околу 19 милиони евра.

Со задоволство ја прифати нашата покана да направи хуманитарен тикет во акцијата на Sport Life и Спорт Манија, иако истакна дека не е љубител на обложувањето.

„Искрено не се обложувам, но сакам да помогнам во хумани цели и ќе се обидам да стасам до добивка, за да помогнеме на социјално загрозените категории на луѓе во Македонија“, вели Ѓошевски.

Поранешниот фудбалер на Силекс, Вардар, Спартак Москва, Австрија Салцбург, Митјиланд, Работнички…. Богата кариера, што ја заврши во Родос, Грција и се посвети на менаџерскиот бизнис.

Творец на рекордниот трансфер од 19 милиони евра

Никола е човекот што има голем дел од заслугите за трансферот на Елиф Елмас од Фенербахче во Наполи, ова лето за рекордни 19 милиони евра за наши услови.

„Лесно е кога имате играч како Елиф Елмас. Нема добри менаџери, туку има големи фудбалери, што ги прават и агентите за трансфери големи. А Елиф е вистински бисер, со неверојатни фудбалски, но и човечки квалитети. Има прекрасен карактер и еснаф семејство и се заедно го доведе до овие височини. Искрено од него очекувам да биде светска ѕвезда“, вели Ѓошевски.

Има интересни детали за трансферот, но и за интересот на големите клубови за нашиот фудбалски дијамант.

„Преговорите беа исклучително тешки, но на крајот испадна многу слатко, со завршен трансфер во голем клуб. Ме болеше главата од огромниот интерес на великаните на европскиот фудбал за Елиф. Јувентус, Интер, Тотенхем, Манчестер сити беа клубовите со кои имавме контакт и тоа на нивно барање. Тоа покажува колку добар фудбалер е нашиот репрезентативец. Сепак Наполи беше најупорен и успеавме да реализираме добар трансфер за Елмас. Карло Анчелоти беше човекот што пресуди да се случи трансферот“, додава Ѓошевски.

Интересна е приказната за лојалноста на симпатизерите на Наполи кон клубот.

„Цели семејства доаѓаат во фудбалскиот камп Димаро, каде Наполи ги има дел од летните подготовки. Го дочекаа Елмас како голема ѕвезда, а поддршката беше неверојатна. Искрено посакуваа нашито репрезентативец да потпише за Наполи. Тоа остави силен впечаток и кај Елиф, па имаше и влијание на неговата и нашата заедничка одлука да се пресели во Неапол“, раскажува успешниот фудбалски менаџер.

Капитен на младата репрезентација во генерацијата на Горан Пандев

Ѓошевски ја има „Спортс менаџмент колсантинг“ како фирма што им помага на фудбалерите не само за трансфери туку и за консултации. Преговорите со Наполи за ангажман на Елмас се врв на досегашната успешна кариера на Ѓошевски како менаџер.

Беше и одличен фудбалер, а како за потсетување беше капитен на младата селекција на Македонија, во ерата на Горан Пандев и останатите наши тогашни фудбалски таленти.

„Ми се чини дека сум и рекордер по бројот на настапи за младата селекција. И тогаш и сега имаме одлични фудбалери, многу таленти, но за поголем исчекор ни недостасува подобра организација и особено инфраструктура. Ако го погледнете составот на нашата репрезентација ќе ви биде јасно дека имаме супер квалитет. Со играчи што настапуваат во Италија, Шпанија, Англија, Португалија… не може да се спори дека Македонија има одличен фудбалски потенцијал. За жал јас не успеав да одиграм барем еден меч за А селекцијата, иако бев дел од младата репрезентација во мое време“, истакна Ѓошевски.

Имаше добра кариера, а како млад играч беше и член на рускиот гигант Спартак Москва, каде замина заедно со Игор Митрески, уште еден наш познат поранешен фудбалер.

“Можеби тогаш избрзав со одлуката да заминам во голем клуб, бидејќи бев многу млад. Спартак е гигант по многу параметри, а на млад фудбалер му треба минутажа. Одиграв три меча како стартер и двапати влегов во игра како резерва во кусата одисеја во Москва. Ме позајмија на Вардар, каде ги доживеав најубавите играчки моментни во мојата кариера“, објаснува Никола.

Вардаровата незаборавна авантура – Карантин за мир од скопската лудница за мечевите со ЦСКА и Спарта

Приказната за една прекрасна авантура на Вардар во квалификациите за Лигата на шампионите во сезоната 2003/04 го потсети Ѓошевски на скопската, но и македонска грозница што владееше пред 15-на години.

Вардар ја елиминира големата ЦСКА од Москва и играше двомеч со Спарта Прага за влез во фазата по групи во Лигата на шамионите. Незаборавен циклус што за жал заврши со елиминација од прашкиот гигант, на чуден начин.

„Уф се наежив сега кога се потсетивме на тие времиња. Вардар заслужи тогаш да игра во Лигата на шампионите. Заради амбиентот во Скопје и во Македонија, на стадионот кој беше полн како грозд на тие мечеви, заради квалитетот и срцето на играчите, заради народот кој буквално дишеше со нас и посакуваше да успееме. Се сеќавам дека бевме во карантин 7 дена пред мечот со ЦСКА во Скопје. Ни беа одземени телефоните, па можевме да контактираме само со семејството и тоа преку фиксен телефон во хотелот, каде бевме сместени. Домашните не информираа каква лудница постои во Скопје и во Македонија за билети, за победа, за успех на Вардар. За жал се случи Терје Хауге и спорниот гол на Глушчевиќ од слободен удар што не исфрли од игра за пласман во Лигата на шампионите. Вардар веројатно беше и трн во око, па бевме незаслужено елиминирани од Спарта на прагот на настап во фазата по групи. Сепак тоа се незаборавни моменти, што засекогаш ќе ги паметам“, раскажува Ѓошевски.

Тој и Дејан Бранковиќ беа одбрани за допинг-контролата во Москва, по победата на Вардар против ЦСКА со 2:1, а Никола раскажува интересен детал.

„Соиграчите не чекаа пет часа, бидејќи процедурата се оддолжи. Потоа имаше незапаметено славје во хотелот во кој престојувавме во Москва“, раскажува некогашниот дефанзивец на Вардар

Дејан Савичевиќ за симпатии кон Милан, Зинедин Зидан го направи привлечен и Јувентус

Дејан Савичевиќ и неговиот неверијатен стил на фудбал како мал го привлекоа Ѓошевски да има симпатии кон Милан, а вели дека навива и за Јувентус, најмногу заради Зинедин Зидан.

„Тоа се два велемајстори на фудбалската игра, што најмногу ме инспирираа во младоста. Некако сум поделен 50-50 за Милан и за Јувентус. Сега нормално и Наполи ми е симпатичен секако најмногу заради Елиф Елмас“, објаснува Никола.

Често патува поради спецификата на неговата работа, а минатиот викенд беше на трибините на дербито од Серија А меѓу Милан и Наполи.

„Италијанскиот фудбал има посебна магија. Полн стадион, многу страст за фудбал, прекрасна атмосфера го прави фудбалот во Калчото посебен.Искрено уживав во топ-атмосфера и во добар фудбал“, заврши Ѓошевски.

 

- Оглас -

Најнови вести