Сакате драми, гледајте Евролига (Видео)

Кошаркарската Евролига ги режира најдобрите спортски драми во финишот на 2019 година, а и денеска имаше опасни пресврти и одлука за победникот во последен миг.

Во Истанбул се режираше хичкоковска завршница со две тројки за помалку од пет секунди, а радоста на домаќините, на навивачите на Фенербахче, траеше многу кратко.

Костас Слукас со тројка на 4 секунди до крајот израмни на 81:81 против Зенит и предизвика делириум на трибините, но набрзо молкот ја замени галамата.

Гостите од Санкт Петербург имаа играч за одлука, а Ендрју Елбиси возврати со тројка на три секунди до крајот за победа од 84:81. Повторно се обиде Слукас да израмни, но утна тројка, па гостите се радуваа на триумф.

Вчера драматично беше и во Атина и во Берлин, а двата меча беа решени по продолженија. Олимпијакос успеа да приреди вистинско чудо и анулира негатива од 9 поени во последната минута против Химки со три тројки. Потоа грчкиот евролигаш успеа и да победи.

Во Берлин на германското дерби немаше победник по регуларниот дел, а во многу драматичен меч Алба загуби од Баерн со 76:77 по дополнителни пет минути.

- Оглас -

Најнови вести