Портсмут не успеа да се пласира во финалето на плејофот во Лига 1 во Англија и загубија на пенали по драматичен реванш-меч со Оксфорд јунајтед.
Речиси тричасовната битка на стадионот „Касам“ во Оксфорд ја добија домаќините со 5:4 на пенали, откако во регуларниот дел и по продолженијата од 30 минути резултатот беше 1:1, идентичен на тој од првиот меч.
На гостите, кои се поранешни прволигаши во Англија, не им помогна ниту чудната експедиција навивачи што допатува во студентскиот град и ги бодреше од паркингот на стадионот.
Качени на камион издржаа тричасовна драма, но, за нивна жал, следниот правец нема да биде „Вембли“ во Лондон, каде што ќе се игра финалето за влез во Шампионат лигата. Таму отпатува Оксфорд јунајтед, а противник ќе им биде подобриот од реванш-дуелот меѓу Викомб и Флитвуд што е во тек. Првиот меч го доби Викомб со 4:1 како гостин.
Победникот во финалниот меч на „Вембли“ ќе биде нов член на Втората англиска лига, или популарната Шампионат лига.