Ѓоковиќ „ја отвори душата“ и раскажа сѐ за инцидентот во Њујорк

Доминик Тим триумфално си замина од гренслемот во Њујорк откако Австриецот стигна до првиот голем трофеј во неговата кариера. Успехот на Тим е огромен, но факт е дека е остварен откако првиот фаворит Новак Ѓоковиќ беше дисквалификуван поради удирање на линиската судијка со топче. 

Србинот, кој во 2020 година нема ниту еден пораз на теренот, сега се подготвува за Мастерсот во Рим, а реши првпат јавно да зборува околу целата несреќна ситуација која се случуваше на Отвореното првенство на САД.

„Тоа беше шок за мене. Првпат во кариерата ми се случи такво нешто. Можеби можело да се случи и порано, како што може да им се случи на голем број тенисери. Топката да го погоди линискиот судија. Имаше многу дискусија за тоа дали требало да бидам дисквалификуван или не, но јас ја прифатив одлуката и продлжувам понатаму. По мечот проверив како се чувствува Лора. Ми рече дека е добро и дека нема посериозни повреди. Многу ми е жал што предизвикав таков шок и драма затоа што таа со ништо не заслужи такво нешто. Таа е волонтер, со љубов ја работи својата работа и веќе неколку години е дел од Отвореното првенство на САД. Несреќа е што и јас и таа моравме да почувствуваме вакво искуство. Сепак, тоа веројатно така морало да биде, животот одредува што ќе се случи“, вели Ѓоковиќ.

Србинот никогаш претходно на ваков начин немаше завршено турнир и жали затоа што чувствувал дека може да триумфира.

„Тоа беше многу чуден начин за тоа како го завршив турнирот. Се чувствував добро, играв добро. Го освоив Синсинати, а и на Отвореното пргвенство на САД стигнав до четвртото коло. Имав многу самодоверба и беше многу неочекувано тоа што се случи. Немав никаква намера да ја удрам. Сепак, како што реков, кога некој така ќе ја удри топката, секогаш постои можност некој да настрада. Правилата се јасни, ја прифатив одлуката и морам да продолжам понатаму. Тоа ќе биде момент што ќе го памтам цел живот“, додаде Ѓоковиќ.

И на најновата АТП-листа Ноле е лидер. Србинот сега ќе се фокусира на Мастерсот во Рим, каде што ќе стартува од второто коло.

 

- Оглас -

Најнови вести