ИНТЕРВЈУ СО ИГОР АНГЕЛОВСКИ: Ги прегрмевме сите потценувања, време е за пласман на ЕП

Македонија е подготвена за големото финале од Д сегментот во Лигата на Нации против Грузија, вели селекторот Игор Ангеловски во интервју за „Спорт Манија“, со надеж дека ќе го оствариме сонот и со победа во Тбилиси на 12. ноември ќе се пласираме на Европското првенство што ќе се игра идната година.

Ни остана само еден чекор до прв пласман на големо натпреварување во историјата на А селекцијата на Македонија, нешто што во изминативе три децении беше недостижно.

Во четврток од 18 часот ќе се одигра последниот чин за пат на ЕП, а домаќин е Грузија во меч во кој мора да има победник, во регуларен дел, по продолженија, или дури и на пенали.

ЧЕКАВМЕ ТРИ ДЕЦЕНИИ, НЕКА БИДАТ И 120 МИНУТИ И ПЕНАЛИ ВО ТБИЛИСИ, САМО ДА СЕ ПЛАСИРАМЕ НА ЕП

„Финале е, се игра еден меч, па нека биде и 120 минути и пенали само да се пласираме на Европското првенство. Ќе одлучува инспирацијата, поголемата желба за победа, секако и квалитетот и индивидуалниот и колективен, а ние имаме се што е потребно за да бидеме подобри од Грузија.

Не ги потценуваме Грузијците, бидејќи во два меча против нас покажаа дека се добра репрезентација, но се надевам дека Македонија ќе биде подобра во Тбилиси и дека на триумфален начин ќе оствари успех што долго го чекаме.

Никогаш не калкулирам пред меч, дали сме подобри и фаворити, или сме аутсајдери. Имаме фудбалери што играат во поквалитетни лиги од противникот и треба да го искористиме индивидуалниот квалитет. Секогаш велам дека тимскиот дух и колективот ни е најсилната страна. И на тој план сме одлични и имаме се за да се пласираме на Европско првенство. Капитенот Пандев е меѓу главните играчи на Џенова во Серија А, Барди е важна алка во Леванте и игра одлично во континуитет во силната шпанска лига, се врати Елмас на терен, имаме навистина играчи што се квалитетни и пред се топ-карактери како луѓе“, вели Ангеловски.

Селекторот се потсети и на периодот пред пет години кога ја доби довербата од тогашното раководство на ФФМ да биде новиот стратег на репрезентацијата на Македонија.

 

ГИ ПРЕГРМЕВМЕ СИТЕ ПОТЦЕНУВАЊА, ИМАШЕ СПОРЕДБИ СО КУБИК ДРВА, НИЕ СТАСАВМЕ ДО МЕЧ ЗА ИСТОРИЈА

„Атмосферата во репрезентацијата и околу неа беше навистина лоша. Имаше и моменти за кои никогаш нема да ги кривам фудбалерите од било која генерација. Сите сакале најдобро за македонската репрезентација, секогаш сме имале квалитетни играчи, но можеби и сплет на околности не дозволиле да дојдеме до ваква шанса и да играме меч за пласман на големо натпреварувањеа.

Имаше и потценувања, дури и невкусни коментари дека репрезентацијата ни е составена од кубик дрва, но докажавме дека Македонија може да биде фактор во фудбалот, секако во рамките на својот квалитет.

Кога бев именуван за селектор на репрезентацијата прво што им кажав на играчите е дека наскоро очекувам да се бориме за настап на големо натпреварување. Тоа беше пред само пет години и знам дека многумина ме гледаа чудно.

Сега знаеме заедно да се потсетиме на тоа време и искрено ми е мило, пред се за нив, за Пандев, за Ристовски, Барди, Алиоски, Несторовски и да не ги редам сите фудбалери што имаат огромна заслуга што станавме репрезентација за респект“, додава нашиот селектор.

Првиот работен ден го мина во Џенова, а мисијата беше успешна, се врати капитенот Горан Пандев, кој е вистински лидер на сегашната генерација репрезентативци.

ПАНДЕВ Е ФУДБАЛСКИ ВЕЛИКАН ШТО ГО СКЛОПИ МОЗАИКОТ

„Веднаш на разговорите при изборот за селектор пред пет години кажав дека мора да го вратиме Пандев во репрезентацијата. Не ме интересираше ниту што било, ниту причината за неговото отсуство, бидејќи знаев колку си ја сака земјата. И веднаш да кажам дека јас не го вратив Пандев. Горан сам се врати и кај него воопшто немаше никакви дилеми за кам-бек. Човек што освоил европска круна со македонското знаме на Сантијаго Бернабеу, кој е икона во италијанскиот фудбал со многу успеси и трофеи вели дека би дал се за да игра со Македонија на големо натпреварување.

Од тоа повеќе веројатно и не може. А, за неговиот квалитет и како играч, но и како човек си кажа и селекторот на Грузија, Владимир Вајс. Кога противнички селектор и човек што ќе ни биде ривал за историски пласман на ЕП се врати со извинување на прес-конференција и ќе каже `За малку ќе заборавев да кажам за Пандев дека сум импресиониран од неговиот настап. Неверојатно е фудбалер на негова возраст да може уште да игра вака квалитетно`, нема подбар комплимент за нашиот капитен.

Сега би ми требало денови и денови да раскажувам за неверојатните квалитети и карактери на сите репрезентативци, кои секогаш го даваат максимумот. Можеби и сме губеле, но никогаш не сме отстапиле од битка на теренот во рамките на можностите и над тоа. Тоа за мене е најважно, да можеме да се погледнеме в лице и кога не сме победиле, најважно е дека сме дале се од себе. Почнувајќи од мене, па до играчите и сите што се во репрезентацијата. Верувам дека тоа го чувствуваат и навивачите и се надевам дека ќе ги израдуваме со победа во Тбилиси и со пласман на ЕП“, коментира Ангеловски.

Без исклучок сите репрезентативци го потенцираат заедништвото, одличната атмосфера во националниот тим, што заедно со квалитетот е гаранција дека и во Тбилиси ќе дадат се од себе за историски успех и настап на прво големо натпреварување.

 

ЕЛМАС БИ ДОШОЛ И ПЕШ ОД НЕАПОЛ ЗА ДА ИГРА ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

„Имаме добри резултати што не може да ни ги одземе никој, сега само треба да ги крунисаме со пласман на ЕП. Па погледнете го Пандев. Игра како во најдобрите денови и само еден момент кога со лизгачки старт во финишот на мечот против Грузија покажува дека е подготвен да даде се од себе. Тоа беше знак за сите репрезентативци да дадат и повеќе од тоа што во тој момент го можеа. Го гледаа капитенот како се бори и сите заедно застанаа зад него како штит. Тоа ни треба и во Тбилиси, тоа заедништво што го создадовме со текот на времето во прекрасна атмосфера што владее во националниот состав, да ги поткрепиме со индивидуалниот квалитет и да го направиме последниот чекор и историски успех.

Мислам дека голем успех е и што ја вративме вербата во националната репрезентација, сега сите со нетрпение го очекуваме мечот во Тбилиси.

Кога еден Горан Пандев, играч што постигнал се ќе ви каже дека би дал се за да игра со Македонија на ЕП, или Елмас, кој во разговор неодамна ми вели дека и пеш би тргнал од Неапол за да игра за националниот тим е доволно да се разбере каква е желбата кај сите нас, заедно со македонската јавност, навивачи, спортски работници, генерации на поранешни и сегашни фудбалери да го оствариме сонот за настап на големо натпреварување“, верува во успех човекот што е заслужен за пресвртот во националниот тим.

Кризата со Ковид-19 носи дополнителни проблеми, неизвесноста дали сите повикани репрезентативци ќе можат да допатуваат за најважниот меч во фудбалската историја на Македонија се уште лебди во воздухот

ПОДГОТВЕНИ СЕ СИТЕ СЦЕНАРИЈА ОД А ДО Ш ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

„Нема веќе што да се крие, игравме двапати против Грузија и останува само еден чекор до пласман на ЕП. Се надевам само дека сите репрезентативци ќе бидат здрави и на располагање за мечот на 12. ноември.

Со Ковид кризата малку се пореметија работите во фудбалот, но имаме подготвени сценарија од А до Ш. Мора да бидеме подготвени на сите варијанти, кои за жал и не зависат воопшто од нас.

Кире Ристевски е позитивен на корона-вирус, но карантинот му истекува на 10. ноември и тој најпрво ќе се тестира во Унгарија, па потоа се надевам и ќе допатува во Скопје. Има проблеми и со Елмас, бидејќи од Наполи објавија дека нема да го пуштат. Се надевам дека ќе ги разрешиме сите проблеми и дека ќе бидеме комолетни во Тбилиси.

Идеално ќе биде сите да бидат здрави, во ова невреме со пандемијата. Јас на пример од септември сум 40-на пати сум тестиран на Корона-вирус. Можам да претпоставам како им е на играчите, но верувам дека ќе ги прегрмиме сите маки на кои не можеме да влијаеме и не зависат од нас.

Имаме победнички менталитет, на два меча со Грузија имавме играч помалку, но одговоривме на предизвикот. Имаме лидер, имаме квалитетни играчи што е одлична подлога за исход во Тбилиси што го посакуваме“, објаснува Ангеловски.

При гостувањето во Тбилиси во епизодата број 1 од трилогијата мечеви со оваа репрезентација во кус рок од два месеци немаше никакви проблеми со протоколите, со гостопримството, па се се одлучуваше на терен.

 

ГРУЗИЈЦИТЕ БЕА ИСКЛУЧИТЕЛНО ФЕР, НЕ ОЧЕКУВАМ НИКАКВИ ПРОБЛЕМИ НИТУ СЕГА

„Грузијците беа исклучително добри домаќини на мечот што го игравме во септември и презадоволни сме од третманот. Не очекувам да има проблеми, бидејќи и тие се во истата улога како нас, со нетрпение очекуваат по 3 децении да играат на Европско првенство. И ние ја имаме истата цел и верувам дека само теренот во Тбилиси ќе биде фактор за пласман на големото натпреварување.

Не ги потценувам другите спортови, но се знае што значи фудбалот во светски рамки. Знам дека наш пласман на Европското првенство ќе донесе огромна радост во Македонија. И тоа ни дава крилја да издржиме, да успееме во последниот меч во цела низа на квалификациски дуели што не доведоа пред портите на Европа. Со пласман на ЕП ќе се смени комплетно и фудбалот во Македонија, ќе биде потстрек на сите нивоа и за фудбалерите, клубовите, репрезентацијата и за навивачите да напредуваат. Се надевам дека ќе имаме можност да играме на континенталниот собир на најдобрите селекции во Европа идната година“ заврши Ангеловски.

Македонија според распоредот на четирите бараж дуели што ќе се играат на 12. ноември има шанса прва од квартетот последни учесници на ЕП да го визира пасошот за настап на големото натпреварување.

Играме од 18 часот, а по нашиот дуел со Грузија за уште три билети за ЕП ќе играат Унгарија со Исланд, Северна Ирска со Словачка и Србија против Шкотска, сите од 20.45 часот.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести