Тодоров: Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин

Селекторот на нашата најдобра машка репрезентација, Александар Тодоров, ги одбра кошаркарите кои ќе тренираат краток период во Скопје, а потоа ќе заминат во Естонија каде ќе земат учество во втората етапа од квалификациите за Европското првенство.

„Амбицијата кај нас секогаш постои, затоа што се игра за репрезентација и за еден циклус од шест натпревари во кои нема многу време за тактизирање. Она што нам ни се случува овие денови, сигурен сум дека го чувствуваат сите. Единствено нешто што е сигурно во моментов е несигурноста поради пандемијата. Првиот циклус во февруари имавме само еден здравствен проблем. Направивме еден список од 12 играчи со кои ќе тренираме во Скопје, а другите ќе ги чекаме во Талин. Ќе имаме конечна слика по последните тестови. Ова е тешка ситуација за планирање. Во 2020 година во Европа секој игра кошарка, нема слаба селекција. Во која група и да бевме, со кого да се падневме, секој меч ќе беше тежок. Естонија ја има предноста кога е домаќин, но ние и така ќе моравме да одиме во Талин да победиме. И тие имаат свои проблеми, еднакво големи како нас. Во понеделник кога ќе допатуваме таму, кога ќе почнеме со тренинзи, ќе говориме поконкретно. Италија има проблеми исто така, не знаеме со кои 12 ќе дојдат во Естонија. Кога ќе влеземе во тој „балон“ во Талин, секоја селекција ќе ги открие картите. Па и ние ќе ги дознаеме своите адути и ќе може да планираме нешто повеќе како тактика и скаутинг за противниците. Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин, туку ќе останевме во Скопје и секој ќе си играше домашна лига. Сите се соочуваме со ковид-проблеми, ФИБА оцени дека мора да се игра, така што ќе одиме да се надигруваме“ – вели селекторот Александар Тодоров на првиот официјален собир на репрезентацијата.

Кошаркарите и стручниот штаб денеска по втор пат се тестираа на Коронавирусот и сите добија негативен резултат.

„Сите се тестиравме, моментално сме негативни, а по следното тестирање кое ќе биде последно ќе знаеме кој ќе замине за Талин. На следните два меча сакаме да ги надополниме двата порази од претходниот прозорец. Сите посакуваме позитивен резултат, затоа што сакаме да играме на Европското првенство. Што се однесува до Естонија, јас не играв на првиот меч, но го гледав дуелот и можам да кажам дека ќе биде доста неизвесно. Предност им е домашниот терен. Без разлика во какви состави ќе играат ривалите, ние сакаме да победиме. Тоа е нашата цел“ – потенцира искусниот репрезентативец Бојан Трајковски.

На вечерниот прв тренинг се појавија: Љубомир Младеновски (Работнички) Виктор Ефремоски (Работнички) Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром) Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром) Филип Бакоч (МЗТ Скопје Аеродром) Кристијан Николов (МЗТ Скопје Аеродром) Марко Симоновски (Кожув) Андреј Митревски (ТФТ) Дамјан Робев (Куманово) Бојан Трајковски (Пелистер) Лука Савиќевиќ (МЗТ Скопје Уни Банка) Леонид Тодоровски (МЗТ Скопје Уни Банка), додека директно во Талин треба да пристигнат капитенот Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и натурализираниот репрезентативец Џејкоб Вајли.

- Оглас -

Најнови вести