Хуманитарен тикет со Влатко Грозданоски – Му врие крвта за Вардар, срцето со страст чука за Рома

Влатко Грозданоски е интересна личност, беше одличен фудбалер, еден од најбрзите и највештите играчи во нашата лига, имаше забележителна интернационална кариера, а сега е во улога на асистент на селекторот на младата репрезентација на Македонија за играчи до 21 година.

Ждрепката за новиот циклус квалификации за играчи до 21 година за настап на ЕП 2022 беше вчера, а Македонија е во исклучително силна група со Франција, Србија, Украина, Ерменија и Фарски Острови.

„Групата е тешка, но не може да се предвиди каква генерација имаат противниците. Франција е топ-репрезентација и во младинските категории, се работи за земјата на светскиот првак, Србија работи одлично со млади категории и секогаш се незгоден противник, а и Украина има забележителен рејтинг во светот на фудбалот. Македонија многу напредуваше во последно време во младинскиот фудбал, доказ е и историскиот настап на Европското првенство во Полска, кога токму во квалификациите бевме пред Франција и Украина, па и сега ќе биеме битка. Верувам дека можеме рамноправно да играме со сите селекции во нашата група. Имаме добра генерација и со нетрпение чекаме да почне квалификацискиот циклус“, вели Гроздановски.

ГОЛОТ ЗА ВАРДАР ВО МОСКВА НЕ СЕ ЗАБОРАВА, НИТУ АТМОСФЕРАТА И ДУЕЛИТЕ СО ЦСКА И СПАРТА

Без размислување прифати да биде дел од циклусот „Хуманитарен тикет“ со Sport Life и Спорт Манија за да се помогне на социјално ранливите категории луѓе.

Гроздановски не крие дека Вардар му е при срцето, клубот за којшто играше во три наврати и екипа каде што и ја заврши професионалната кариера.

„Иако почнав во Цементарница, Вардар е мојот омилен клуб. Минав неверојатно убави мигови во црвено-црниот дрес со прекрасни спомени од домашни и интернационални натпревари. Секако, најубавите моменти во мојата кариера беа дуелите во квалификациите за настап во Лигата на шампионите против ЦСКА Москва и Спарта. Натпревари на кои имаше феноменална атмосфера, најдобра во мојата кариера. Штета што не успеавме да ја минеме и Спарта, иако со играта и во Скопје и особено во Прага заслуживме да бидеме дел од европскиот клупски крем во Лигата на шампионите“ се сеќава Грозданоски.

ТРИПЛЕТА ВО РИМ – СТРАСТЕН НАВИВАЧ Е НА РОМА, ИГРАШЕ ПРОТИВ ОМИЛЕНИОТ ТИМ И ВО ВЕЧНИОТ ГРАД ЈА ЗАПРОСИ СОПРУГАТА

Елиминацијата од Спарта му донесе можност да игра против омилениот странски тим, Рома. Гроздановски е познат како страстен навивач на Римската волчица и се присети и на дуелот во Рим против познатите Де Роси, Манчини, Делвекио, Карев…. и тимот што го предводеше големиот Фабио Капело.

„Некако спласна еуфоријата по елиминацијата од Спарта и одигравме слабо во Рим. И Рома беше силна, па некако лесно не елиминираа. Сепак, останува како спомен дека сум играл против Рома, тимот за којшто навивам. Потоа имав и можност да го следам големото римско дерби меѓу Рома и Лацио во 2016 година во спектакуларна атмосфера. Во Вечниот Град истата година ја запросив и мојата сегашна сопруга Христина, па некако сум и емотивно врзан за Рим и Рома“, раскажува еден од омилените вардарови играчи за големата армија на симпатизери на „црвено-црните“.

ВО ДРУШТВО НА ИРАНСКИОТ МАРАДОНА НА ЕГЗОТИЧНА ДЕСТИНАЦИЈА ПРЕД 100 ИЛЈАДИ ПУБЛИКА СО АЗИСКИОТ ГИГАНТ

Интернационалната кариера му е многу интересна. Играше за Војводина, Омонија, АЕЛ Лимасол, кинескиот Лијаонинг и во егзотичниот Иран. Секаде остави впечатлив белег и со квалитетот и со игрите, но и со својот однос. Како најинтерсна секвенца, сепак, го издвои престојот во Техеран, каде што играше за гигантот Персеполис во 2013 година.

„Многу малку кај нас се знае за иранскиот фудбал. Персеполис е најтрофејниот клуб, а дерби-дуелите против Естеглал се незаборавни. Над 100 илјади луѓе се присутни на тие дуели во едно од најголемите градски дербија на светот и уште милиони луѓе живеат за тој ден. Тоа е вистинска и незаборавна фудбалска треска. Амбиентот е феноменален, се доаѓа на стадион и неколку часа пред почеток на мечот, а кога играат Персеполис и Естеглал, буквално владее лудница во Техеран и во цел Иран. Клубот е гигант во Азија, неверојатно добро организиран и малку и ми е жал што не останав подолго. Играв заедно со големите легенди Али Карими и Мехди Махдавикија, кои имаат статус на фудбалски богови во Иран. Карими особено е ценет и тој за Иран е како Марадона за Аргентина. Сепак, неочекувано се најдов во ситуација да си заминам бидејќи имаше смена на претседателот на клубот, во земјата се смени и власта, па немав избор“, додава Грозданоски.

СО МЛАДИТЕ ВО ИЗРАЕЛ, СО МИСЛИТЕ ВО ГРУЗИЈА

За репрезентацијата на Македонија одигра точно 50 натпревари, еден убав јубилеј, а за него настапите во дресот со национални обележја е врв во кариерата на еден фудбалер.

„Задоволен сум и секогаш со посебна гордост и чест го носев дресот на Македонија. Тие натпревари не се споредуваат со ништо. Педесет мечеви не се малку, а имаше и дуели против Англија, Турција и дузина фудбалски велесили. Можеби останува жал за настап на големо натпреварување, но, за среќа, Горан Пандев и оваа генерација фудбалери ни го остварија сонот Македонија да игра за големо натпреварување. За жал, немав можност да го гледам историскиот меч против Грузија бидејќи во исто време младата репрезентација играше против Израел на гостински терен, но секако еуфорично го прославивме големиот успех. Уште еднаш им честитам на сите и среќен сум што народот се израдува и верувам дека и понатаму ќе има причина да слави вакви успеси“, заврши Грозданоски.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести