Со Јане Карајованов во „лов“ на хуманитарен тикет кој вреди повеќе од 1.000 евра

Иако има само два базени од затворен тип во цела земја, Македонија секогаш давала одлични таленти во пливањето, како во минатото така и сега. Јане Карајованов е еден од нашите најдобри маратонски пливачи од пред 20-тина години, човек кој и по завршувањето на активната кариера, остана во овој спорт како тренер во пливачкиот и ватерполо клуб „Орион“. Освен пливањето, Карајованов активно ги следи сите спортови, посебно фудбалот и со задоволство прифати да биде дел од акцијата за составување хуманитарен тикет во Sport Life.

„Го сакам спортот, а посебно пливањето, кое е дел од мојот живот, па некако нормално беше да продолжам да бидам со овој спорт и по завршивањето на активната кариера. Повеќе од 10 години работам како тренер во пливачкиот клуб Орион, кој е вториот најголем клуб во Македонија. Во Орион имаме околу 100 активни членови, од сите возрасни категории. Во најмалата категорија има деца од 5-6 години, па сè до категоријата која ја нарекуваме ветерани“, вели Карајованов, кој речиси и да не пропушта ден да не биде на Олимпискиот базен.

МАРАТОНСКОТО ПЛИВАЊЕ БЕШЕ НЕГОВА СПЕЦИЈАЛНОСТ, КАКО ТРЕНЕР СЕ НАДГРАДИ ВО ШКОЛАТА ОД КАДЕ ШТО ПОТЕКНА МАЈКЛ ФЕЛПС

Карајованов во 2004 година стигна до деветото место во Светскиот ФИНА куп во маратонско пливање, а по завршувањето на кариерата, продолжи да се надградува како тренер. Еден период помина и во САД, каде што беше дел и од пливачкиот клуб Балтимор, од каде што потекнува легендарниот Мајкл Фелпс. Условите во САД и овие во Македонија се неспоредливи затоа што во нашата земја имаме само два затворени базени кои функционираат во зимски услови, но и покрај тоа, Македонија редовно дава и олимписки учесници во овој спорт. Во пресрет на Олимписките игри во Токио, само во ПВК Орион има тројца потенцијални олимписки пливачи.

„Искуството кое го стекнав во САД е неверојатно. Не може да се споредува работата таму и условите кои ги имаме тука, но Македонија е земја која секогаш давала пливачи кои стигнувале и до Олимписките игри и тоа е за почит. Во нашиот клуб имаме многу талентирани пливачи, но посебно би ги издвоил: Миа Крстевска, Миа Блажевска Еминова и Филип Деркоски, кои имаат потенцијал за ЛОИ. Секако и во другите клубови има добри пливачи и убаво ќе биде Македонија и во Токио да има свои претставници“, вели Јане, кој пред три години беше дел и од Олимписките игри за млади во Буенос Аирес во Аргентина.

Во ПВК Орион има петмина тренери кои се грижат за сите членови. Покрај Карајованов, таму работат и Теодора Раптис, Зорица Велковска, Јулија Владимирова и Илија Стојановски. Токму Раптис, која беше една од најдобрите наши пливачки, е сопруга на Јане.

„Со Теодора се знаеме многу одамна. Заедно трениравме, заедно работевме и едноставно одлично функциониравме на секое поле. Затоа и веќе 14 години сме во брак“, открива Карајованов. Во едно вакво спортско семејство, очекувано е да има и наследник на двајцата поранешни пливачи. Ќерката Нина има 11 години и е една од подобрите во својата категорија.

ЈУВЕНТУС ДА ПОБЕДИ, А ИНТЕР И МИЛАН ДА ОСВОЈАТ САМО ПО ЕДЕН БОД

Кога се работи за останатите спортови, Јане редовно следи фудбал, но и сите други позначајни настани. Навивач е на Јувентус и се надева дека Старата дама сезонава ќе комплетира една декада од доминација во Серија А, но верува дека конечено може да стигне и до трофејот во Лигата на шампионите.

„Во изминатиот период посебно ме израдува пласманот на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство. Момците покажаа како треба да работат вистински спортисти и со посебен шарм го чекам ЕП ова лето. На клупски план навивам за Јувентус и секако очекувам титула во Серија А, а зошто не и во Лигата на шампионите. Викендов се игра градското дерби меѓу Интер и Милан, па мислам дека најреално е да заврши нерешено, а тоа и најмногу одговара за навивачите на Јувентус“, вели Карајованов, чиј тикет носи потенцијална добивка од 64.905 денари.

Доколку тикетот е добитен, донацијата ќе биде за училиштето “Иднина” за децата со посебни потреби, каде што Карајованов работи и како професор по физичко воспитување.

 

- Оглас -

Најнови вести