Фудбалската репрезентативка на Македонија сигурно чекори и на манекенската писта – Хуманитарен тикет на Јулија Живиќ вреден 1.000 евра

Јулија Живиќ е гостинка на Спорт Манија и Sport Life со хуманитарен тикет за викендов, а приказната на нашата фудбалска репрезентативка и заштитно лице на спортскиот производител „Асикс“ е интересна.

Почна да се дружи со бубамарата на 8-годишна возраст и стаса до 20-на настапи за фудбалската репрезентација на Македонија, каде е стандардна на позицијата десен бек.

Македонскиот Марсело како што ја нарекуваат колешките ја почна професионалната кариера како напаѓач, но принудно потоа стаса до позицијата десен бек.

„Во Борец почнав да играм како шпиц и давав голови, но потоа некако случајно кога настапував за Драгон морав на еден меч да играм во одбраната. Од случајно се претвори во постојано и сега некако и не ми изгледа лошо, иако во прв момент дури и ми се плачеше, кога тренерот на Драгон ми соопшти дека ќе морам да помогнам во одбраната“, раскажува 20-годишната девојка од Куманово, што живее во Велес, а игра за ЖФК Љуботен од Тетово.

ДУОТО М&М И СЕ ОМИЛЕНИ, ПРЕКАРОТ И Е БРАЗИЛСКИ, А БАРСЕЛОНА Е КЛУБОТ ЗА КОЈ НАВИВА 

Постојано е на пат меѓу трите македонски градови, а веднаш ја прифати и скопската понуда да ни биде гостинска со цел со хуманитарен тикет што вреди околу 1.000 евра да помогне на социјално загрозени категории на луѓе во Македонија.

„Ретко се обложувам, но честопати другарите ме прашуваат за совет. Играм фудбал и следам доста што се случува и во машкиот и во женскиот фудбал, а понекогаш во друштво со тикет е поинтересно да се следат натпреварите. Навивам за Барселона и секако за Лионел Меси. Вистински волшебник во копачки, чии мајстории на терен не можат да ве остават рамнодушни. Од девојките Американката Алекс Морган ми е омилена, уште од времето кога играше за Лион“, вели Јулија.

Веќе е стандардна репрезентативка, а имаше и куса интернационална кариера на Кипар, од каде мораше да си замине поради пандемијата со Ковид-19.

„Играв три месеци за Неа Саламина, но морав да се вратам кога почна пандемијата со Ковид-19. Беа задоволни од моите настапи и сакаа да ме задржат на подолг период, но здравствената криза одлучи да си дојдам во Македонија. Имав понуда и од најдобриот клуб на Кипар, Аполон и можеби во некоја друга прилика ќе имам шанса да се вратам на Кипар. Брзо се прилагодив на Островот, времето е секогаш убаво, земјите што имаат море се мој пик“, додаде Живиќ.

МОДНАТА ПИСТА И Е ЗАМЕНА ЗА ФУДБАЛСКИОТ ТЕПИХ, НОВИНАРСТВОТО Е ТАМАН ЗА „ТРИ ВО ЕДНО“

Вториот дел од нејзината приказна е манекенството, а веќе е заштитно лице на „Асикс“ и членува во модното студио „Моделс Ин“.

На почеток е и со новинарството во Телевизија Кис во Тетово, каде помага со спортските емисии, па некако моментно животното мото и е „три во едно“, фудбал, манекенство и новинарство.

„Имам голема поддршка од родителите и секако од другарите и другарките, кои ме разбираат и кога понекогаш немам време за подолго дружење. Фудбалот бара голема посветеност, па морам понекогаш да скратам од излегувањата и од ноќниот живот. Сега имам почесто и обврски како модел, почнав да се вклопувам полека, но сигурно и во новинарство, но кога се сака за се има време. Темпераментна личност сум и сакам да си ги завршам сите обврски навреме.  Продолжив и со факултетот, што ми беше во мирување додека бев на Кипар. Студирам психологија и често во соблекувалната им велам на моите фудбалски колешки дека ќе им бидам психолог кога ќе ја завршам кариерата. Засега успевам да ги спојам различните мои светови во животот“, вели нашата фудбалска репрезентативка.

Се надева дека женскиот фудбал во Македонија ќе се развива со побрзо темпо и дека ќе биде на рамниште на машкиот фудбал во блиска иднина. Посебно го памети мечот во Казахстан и победата на Македонија, а интересно е што за неа беше заинтерeсиран и клуб од фудбалската велесила Норвешка.

“Секако би сакала македонската репрезентација да напредува, нормално и женскиот клупски фудбал во Македонија, а моја лична желба е да играм за клуб што ќе настапува во Лигата на шампионите. Имаше интерес од Авалдснес од Норвешка, но изостана трансферот. Еднаш веќе бев во Скандинавија на проба во Векше, па се надевам дека ќе има трета среќа. Млада сум, времето е мој адут, а се надевам и дека ќе го потврдам квалитетот со нов настап во странство во блиска иднина“ потенцира нашата гостинка во рубриката „Хуманитарен тикет“.

За крај неизоставна е успешната одисеја на машката македонска репрезентација и историскиот настап што нѐ чека на Европското првенство во јуни и јули. Прво за наша А фудбалска селекција и второ на големо натпреварување по настапот на златните младинци на ЕП во Полска во 2017 година.

„Се радував бескрајно на победата во Тбилиси. Па кој може да остане рамнодушен на таков успех. Имаме одлична генерација предводена од капитенот Горан Пандев и се надевам дека ќе ни приредат уште многу убави моменти со добри настапи во Букурешт и Амстердам. Па и ние дамите да тргнеме по нивниот пат во блиска иднина“, е желбата на Јулија Живиќ, нашиот голем потенцијал во женскиот фудбал.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести