Македонија навреме се разбуди, победена е Финска за чекор поблиску до ЕП (Видео)

Македонија навреме се разбуди и со многу подобра игра во последната четвртина во Рихимаки ја победи Финска со 27:22 и сега е речиси сигурен учесник на ЕП.

По негативата од два гола, 12:14 во првото полувреме, Кирил Лазаров и неговите соиграчи и избраници успеаја да направат пресврт и да ги освојат бодовите.

Клучен беше последниот квартал од мечот, кога конечно одигравме подобро во одбраната, а постигнувавме голови во серија и од негатива од 18:19 стигнавме до предност од 23:19.

Кирил Лазаров ја презеде одговорноста како селектор и уште повеќе како ракометар на теренот и со серија од 5:0 го скршивме отпорот на Финците.

Одлично бранеа двајцата наши голмани, Митревски со 8 одбрани и Томовски со 7, но партија на кариерата имаше нивниот колега од финскиот табор Патрик Росландер со 20 одбрани.

https://twitter.com/EHFEURO/status/1387427485567143938?s=20

Македонија сега има 8 бода од пет меча во седмата група и е лидер, а ако вечерва Данска ја победи Швајцарија, сигурно ќе играме на седмото европско првенство во нашата ракометна историја.

Македонија има уште еден меч за доигрување, против Швајцарија на домашен терен, а ни одговара и реми бидејќи го победивме ривалот на гостински терен со 25:23.

Првопласираните две селекции од секоја група и четирите најдобри третопласирани селекции од секоја група ќе играат на континенаталниот шампионат идната година.

 

- Оглас -

Најнови вести