Јувентус обвинет дека правел притисок врз судијата

Директорот на Удинезе, Пјерпаоло Марино го обвини спортскиот директор на Јувентус Фабио Паратичи дека вршел притисок врз главниот судија на вчерашниот меч во Удине. Јувентус го победи Удинезе со 2:1 и тоа благодарение на двата погодци на Кристијано Роналдо во последните 10 минути од мечот. Домаќините водеа на полувреме, имаа предност до 83 минута, а на крајот си заминаа без бодови.

Првиот гол што Роналдо го даде за 1:1 беше постигнат од пенал, откако по еден изведен слободен удар, топката случајно удри во раката на домашниот играч Родриго де Паул. Судијата досуди пенал, а Роналдо беше прецизен. Португалецот погоди и во 89 минута за комплетирање на пресвртот и три бода за Јувентус, кои се многу значајни во трката за место кое води во Лигата на шампиони.

„Од слободниот удар на Роналдо, Јувентус доби пенал, а не требаше да има ни фаул. Наводно имало прекршок од Ларсен врз Куадрадо, а всушност играчот на Јувентус направи фаул. Значи Јувентус доби пенал по изведен слободен удар кој воопшто не постоеше и не требаше да биде досуден. Јас имам многу искуство со тие работи. Главниот судија на полувремето беше вербално нападнат од Паратици, а тука влијаеа и тренерот и играчите на Јувентус. Тие работи сигурно имаат влијание на неговите одлуки во вториот дел“, рече директорот на Удинезе, Марино.

Удинезе и покрај поразот е сигурен на средината од табелата и на четири кола до крајот има осум бода повеќе од Беневенто кој е во зоната за испаѓање.

 

- Оглас -

Најнови вести