Мечот на годината ќе го даде европскиот владетел на најнеобичното првенство

По еден месец фудбалски возбудувања, одиграни 50 меча меѓу најдобрите 24 репрезентации во Европа, денеска дојде денот за финалето по кое ќе се дознае новиот континентален владетел. Италија против Англија на легендарниот „Вембли“ е дуелот што треба да го даде новиот европски шампион.

Ова е дуел на две земји полни го фудбалска традиција, со неверојатни успеси, но кога се работи за европските првенства, трофејот ќе им биде навистина посебен. Италија само еднаш, во далечната 1968 година се радуваше на пехарот на ЕП, додека Англија досега никогаш не играла ниту во финале на ваков значаен турнир.

За Италија би можело да се каже дека го игра и најдобриот фудбал во историјата, а тоа го потврдуваат и резултатите. Аѕурите се во фантастична серија од 33 натпревари на кои немаат пораз. Последен пат загубија во септемвир 2018 година од Португалија со 1:0 во Лигата на нации, а потоа наредија 28 меча на кои се радуваа на победи и само пет нерешени средби.

Ако се сметаат и победите над Шпанија на пенали и против Австрија во дополнителните 30 минути, Италија има 14 триумфи во низа. Дури 11 меча Италија беше без примен гол, но кога дојдоа мечевите од нокаут фазата, одбраната стана понесигурна, па по еднаш погодија и Австрија, Белгија и Шпанија. За среќа на Аѕурите, тоа не беше кобно и сега се дел од финалето на турнирот.

Можен состав на Италија во финалето (4-3-3): Донарума, Ди Лоренцо, Бонучи, Кјелини, Емерсон, Барела, Жоргињо, Верати, Кјеза, Имобиле, Инсиње.

Цели 55 години Англија чекаше да игра едно финале на големо натпреварување. Последен пат тоа го направи на Мундијалот во 1966 година, кога за прв и единствен пат стигна до планетарниот врв. Сега нивната цел е континенталниот блесок, а важен адут ќе им биде тоа што играат на домашен терен, на нивниот „Вембли“. И на трибините повеќе од 90 отсто ќе навиваат за Англија, ако се знае дека премиерот Борис Џонсон забрани влез на странски државјани во земјата, наводно поради опасноста од ширење на Коронавирусот, но тоа е нелогично, ако се знае дека само неколку дена по финалето, во Англија ќе се олабават сите мерки кои сега се на сила.

Селекторот Герет Саутгејт има само еден проблем околу играчите. Фил Фоден се жали на повреда и тој сигурно нема да биде во комбинација за финалето. И на Англичаните најсилно оружје им е одбраната. На шесте меча на ЕП, досега примија само еден гол и тоа тој од Данска во полуфиналето, што беше од слободен удар.

Можен состав на Англија во финалето (4-2-3-1): Пикфорд, Вокер, Стоунс, Мегваер, Шоу, Рајс, Филипс, Сака, Моунт, Стерлинг, Кејн.

Италија и Англија низ историјата имаат одиграно вкупно 27 меча. Аѕурите имаат 11 победи, Англија се радувала осум пати, а толку средби завршиле и нерешено. Кога играле на големи турнири како ЕП или СП, Италија нема пораз од Англија (три победи и едно реми). За Италија ова ќе биде 10-то големо финале, шест има на СП и четири на ЕП.

Англија има 15 победи во последните 17 меча што ги играше на „Вембли“, постигнувајќи дури 46 гола, а прими само пет погодоци во овој период. Гордиот Албион за прв пат ќе биде дел од ЕП финале.

 

- Оглас -

Најнови вести