Американците го истурија бесот врз Иран и победија со 54 разлика

По поразот во првото коло од Франција, кошаркарската репрезентација на САД не дозволи ново изненадување и утрово убедливо со 120:66 славеше против Иран во второто коло ко кошаркарскиот турнир на ЛОИ. Кошаркарите на НБА уште во првата четвртина започнаа фуриозно и по 10 минути игра стигнаа до убедлива предност од 28:12.

Во исто темпо Американците продолжија и во втората четвртина, кога на семафорот во еден момент покажуваше 51:18, односно плус 33 за фаворитот. Како што одминуваше времето, така разликата и се зголемуваше, па во третата четвртина Американците поведоа и со 82:38, а на крајот стигнаа до победа од 54 поени разлика.

Сите играчи во составот на САД се запишаа во листата на стрелците, а најефикасен беше Лилард со 21 поен, додека двоцифрени беа уште и Татум (14), Лавин (13), Букер (10), Дурант (10) и Мидлтон (10 поени).

На кошаркарскиот турнир се одигра уште еден меч во кој Германија со 99:92 ја победи Нигерија. Денеска ќе се одиграат уште два меча. Од 10:20 часот ќе играат Италија и Австралија, а за во 14 часот е закажан мечот Чешка – Франција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести