Антиќ, Бајиќ и Гечевски се разочарани зошто Димитријевиќ не се јави на повикот да игра за Македонија

Македонската кошаркарска репрезентација од 12 август ќе го започне патот за пласман на Светското првенство во 2023 година. Нашата репрезентација ќе стартува уште во претквалификациите, каде за противници ги имаме Швајцарија и Словачка. Две од трите селекции ќе продолжат во следната фаза, односно ќе изборат место во квалификациите.

Сите во КФСМ, почнувајќи од претседателот Перо Антиќ, па се до селекторот Драган Бајиќ се разочарани од односот на Ненад Димитријевиќ, кој беше повикан во составот, но без образложение одбил да дојде.

„Многу сум разочаран од Димитријевиќ. Уште кога беше дете, му давав поддршка. Засега нема да го казниме, но ќе ги разгледаме сите опции од Правилникот“, рече Антиќ за недоаѓањето на играчот на Валенсија.

Селекторот Бајиќ додава дека очекува Димитријевиќ да биде лидер на оваа генерација на Македонија, но иако дал ветување дека ќе дојде, тој не се појави на репрезентативниот собир.

„На Ненад му реков дека тој треба да е лидер на оваа селекција. Неговиот менаџер ме контактираше и побара да се приклучи подоцна, затоа што имал напорна сезона. Се согласив и со тоа, иако не можам да сфатам како момче од 23 години бара таков одмор. Димитријевиќ не се појави ни кога вети дека ќе дојде и тоа е крај на приказната“, рече Бајиќ.

Спортскиот директор на КФСМ, Тодор Гечевски се чуди како Димитријевиќ, но и Михаил Наумоски и Дино Боцевски не сакаат да играат за Македонија.

„Во репрезентацијата бев и кога бевме на врвот, но и кога бевме на дното. Секогаш играв затоа што дресот со држаниот грб ми беше светост. Несфатливо ми е да не сакаш да играш за својата земја, да одбиеш да го облечеш дресот и да стоиш пред химната. Не ли сакаат да го израдуваат македонскиот народ како што тоа ние го направивме во Литванија?“, се запраша Гечевски на денешната прес-конференција.

Во првото коло од претквалификациите, Македонија ќе игра против Швајцарија, а два дена подоцна противник ќе ни биде и Словачка. Веќе на 16-ти повторно ќе иргаме против Швајцарците, а претквалификациите ќе ги завршиме на 18-ти август со реванш мечот против Словачка.

Сите дуели се играат во „Јане Сандански“ во Скопје, што значи дека Македонија ја има предноста и на домашен терен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести