Македонија У21 се израдува на првата победа во квалификациите за ЕП

Младата фудбалска репрезентација на Македонија се израдува на првата победа во квалификациите за пласман на Европското првенство откако на гости ги совладаа врсниците на Ерменија со 2:1. Македонија во текот на целиот меч беше подобар тим, создаде многу повеќе шанси, но сепак до последниот момент беше неизвесно. На крајот, нашите надежи се израдуваа на заслужен триумф.

По четири одиграни кола, Македонија има 5 бода и е на третото место. Франција има седум бода од три средби, а Украина е со шест бодови од три меча и во овие моменти води против Фарски Острови со 1:0 на полувреме. Ерменија е последна само со три бода од пет меча.

Македонија од самиот почеток тргна во офанзива и сакаше да постигне гол. Во 14-тата минута Манев шутираше, а домашниот голман исфрли во корнер. Од ударот од агол, повторно Манев со удар со глава ја погоди стативата. Овие две шанси беа најава за тоа што се случи 10-тина минути подоцна.

По еден слободен удар во 25-тата минута, Марко Ѓорѓиевски беше највисок и од далечина на пеналтикот погоди со глава. До крајот на првото полувреме, избраниците на селекторот Драган Канатларовски имаа уште две добри шанси за погодок, но, за жал, не ги реализираа. Само во првите 45 минути Македонија упати дури осум шута кон голот на домаќините, од кои четири беа во рамките на голот, но погодивме само еднаш.

Во вториот дел, темпото на игра спласна, но повторно нашата репрезентација беше поконкретна, па тоа резултираше со нов погодок. Резервистот Методи Максимов само по 50 секунди откако влезе во игра, со својот прв допир на топката успеа да го матира домашниот голман и зголеми на 2:0.

Да нема мирна завршница се погрижи Григоријан, кој намали на 1:2 во 90-тата минута, а откако судијата покажа шест минути надополнување на времето, следуваше драма. Ерменците со сите сили се обидуваа да постигнат втор погодок, но, за среќа, не успеаја во своите намери и на крајот Македонија победи.

 

- Оглас -

Најнови вести