Шкотскиот фудбалер Џорџ Робинсон доживеа страшна повреда на окото откако еден противнички фудбалер намерно го удри на сред меч. Робинсон е играч на нисколигашот Стенхаусмур Комјунити АФЦ, а инцидентот се случи на мечот против Ист Килбрид, во моментите кога неговиот тим водеше со 3:1.
Во еден напад, Робинсон ја загуби топката, а противничкиот играч намерно го удри, а потоа Џорџ падна на тревата. И покрај жестоките протести за играта да биде прекината, судијата тоа не го направи веднаш.
Робинсон остана да лежи речиси 10 минути нокаутиран на средината на теренот, а откако му беше дадена прва помош, беше пренесен во болница, каде што било констатирано дека се работи за сериозна повреда.
„Имаше само уште 15 минути до крај. Во текот на целиот меч немаше ниеден остар старт, па овој инцидент се случи како гром од ведро небо. Не се сеќавам добро на инцидентот, но знам дека ме изнесоа од теренот“, рече Робинсон.
Окото му доби оток со големина на голф топче, а докторите му рекле дека може дури и да го загуби видот на окото.
„Додека чекав да ме снимаат, окото едноставно ми експлодира. Ми ставија две инјекции во окото, а потоа лекарите ми рекоа дека можам да го загубам видот. Ми го прешија капакот на окото за да се намали отокот“, раскажува повредениот фудбалер.